Синдикати: Владата да ги заштити работниците, мерките ни од далеку не се доволни
Македонија треба да преземе решителни и храбри чекори за да ги заштити работниците, но тоа не се случува. Тие не се заштитени ниту со првиот, ниту со вториот сет мерки, бидејќи Владата ги слушала само сугестиите на бизнис заедницата – револтирани се синдикатите. Гневни се бидејќи во Економскиот совет немало место ниту за претставник на синдикатите, ниту за активистите за работнички права. 10-тина синдикати И НВО доставија пакет барања до Владата за кои сметаат дека треба итно да се воведат. Синдикатите сметаат дека секој кој ќе остане без работа треба да прима надомест од државата, независно дали работниот однос им престанал поради сопствена изјава, спогодбено или поради наводно нарушување на дисциплината.
„Многу работници изминативе недели беа измамени од страна на работодавачите и работниот однос им беше прекинат на овој начин и Владата сега мора да ги заштити и овие работници. Да се предвиди и бремените жени на кои не им се прoдолжени договорите за работа или потпишале спогодбен отказ, да се стекнат со право на платено породилно отсуство од страна на државата“
Синдикатите бараат да не им се дава финансиска помош на фирмите кои имаат отпуштено работници од почетокот на март, бидејќи според нив, не е фер, некоја компанија што поделила откази во изминатите неколку недели да може и покрај тоа, да добие пари. И сугерираат на Владата да донесе уредба за компаниите да не смеат да ги намалуваат платите повеќе од 20% и никако под нивото на минималната плата.
„Да се обезбеди заштита на хонорарците, фриленсерите, кои се најнесигурната категорија работници и немаат речиси никакво социјално, ниту здравствено осигурување. Бараме овие работници, по примерот на самостојните уметници и спортистите, да добиваат финансиска поддршка за месеците април и мај 2020 година, во месечен износ од 14.500 денари“
10-те синдикати бараат и да се забрани пресметување камати за времетраење на кризата од страна на банките, штедилниците, финансиските друштва и извршителите. Според нив, треба да се поништи и Уредбата за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор.
Бараат и Одредбите за користење на неискористениот дел од годишниот одмор за 2019 година и на делот од годишниот одмор за 2020 година, да се однесуваат на сите работници. Според синдикатите, надлежните институции треба навремено да реагираат за да спречат кршење на правата на работниците. Потписниците на барањата и порачаа на Владата дека е крајно време да почне да ги консултира при носењето одлуки за да се спречи проширување на сиромаштијата.
Тања Попова