Синдикати и граѓани најавуваат протести за поскапувањето на струјата
Независниот синдикат на градежни работници, инженери и трговци го крева гласот против поскапувањето на стртујта. Најавуваат мирен протест поради одлуката за нејзино зголемување за 7,4%, но без ДДВ. Ваквиот потег на власта го оценија како показател за недомаќинско работење. Обвинуваат за популизам и удирање по џебот на граѓаните зашто, според нив, со поскапувањето на струјата од народот се одземаат парите што ги добиле со последното зголемување на минималната плата.
– Најавеното поскапување на струјата од 7,4 проценти заедно со Данокот на додадена вредност од 18 проценти ќе изнесува 8,73 проценти, а во изминатите 14 години струјата поскапела 230 проценти, изјави претседателот на НСГРИТ Атанас Трајковски.
Кога точно ќе се одржи протестот не кажаа, но повикаа на учество од сите работници кога ќе биде организиран.
– Во 2007 евтината тарифа беше 1,20 денари за киловат час, скапата тарифа 2,40 денари, а во 2011 година евтина тарифа 1,76 денари за киловат час, а скапа тарифа 3,52 денари. Од 2006 до 2011 година имаше зголемување од неполни 150 процент. Во 2018, 2019 и 2020 цената на евтината тарифа изнесуваше 2,70 денари за киловат час, а скапата 5,54 денари по киловат час, а во оваа цена ја ставија и ангажираната моќност од 33 проценти. За 14 години имаме поскапување за 230 проценти или 2,3 пати. Прашањето е сега пак се најавува покачување од 7,4 проценти, но тука претпоставувам дека не е влезен и Данокот на додадена вредност (ДДВ) од 18 проценти. Ако го земеме и ДДВ-то од 18 проценти покачувањето на струјата ќе биде 8,73 проценти, рече Трајковски.
Добро беше што се зголеми минималната плата од 14.500 на 14.900 денари, но, дополни Трајковски, еве на кој начин пробуваат тие пари да ги земат од џебот на производствениот работник.
– Ситуацијата е – дај им па ќе им земеме. Не може така. Пресметав дека мојот џеб како просечен работник во текот на годинава во просек ќе биде оштетен некаде за 500 денари, така што ете како покачувањето од 500 денари ќе си го вратат назад. Не смееме да дозволиме покачување на платите од наши џебови, кое е популизам, а сега сакаат да го вратат. Ги повикувам сите работници да излезат на мирен протест кога ќе го организираме, изјави Трајковски.
Во знак на револт, веќе во четврток граѓаните на Тетово ќе излезат на улица поради одлуката на Регулаторна да се зголеми цената на струјата. Ќе побараат да се укине регулаторното тело, кое како што велат организаторите, служело само за интересите на компаниите, кои имаат бизниси со енергетика.
По најавеното поскапување, реагираа неколку синдикати, здруженија, но и политички партии, кои побараа од Регулаторна да ја повлече одлуката.
Организацијата на потрошувачи смета дека одлуката е несоодветна, бидејќи освен здравјето, во прашање се доведува и економската безбедност на граѓаните.
И додека кај нас се најавува поскапување на струјата, Хрватската влада ја намали цената на струјата за 15% за април, мај и јуни, кога економијата беше запрена поради пандемијата.
Борис Грујоски