Синдикат на Клинички Центар: Повлечете ги здравствените работници од избирачките одбори

Неприфатлива е одлуката здравствени работници да бидат вклучени во избирачки комисии и одбори – реагираат од Синдикатот на Клинички центар.

Иако Министерството за здравство поради недостиг и истрошеност на здравствен персонал носи колеги од други градови во Скопје да помогнат во справување со корона кризата, Државната изборна комисија донесе одлука дел од здравствените работници да бидат вклучени на денот на гласањето.  Ова може да придонесе за колапс на здравствениот систем, предупредува Синдикатот.

Во интерес на граѓаните на нашата држава, Синдикатот на Клинички центар јавно ги повикува надлежните институции да преку системско, а не поединечно решение ги повлечат вработените во здравствените установи од избирачките одбори и комисии – пишува во соопштението на ССКЦ.

Бура од реакции и на социјалните мрежи. Раководителот на Интензивна нега др.Нико Беќаровски со отворено писмо им порача на надлежните дека местото на здравствениот работник во овие моменти е покрај болничкиот кревет, а не пред кутии.

Во држава со преку 135.000 работници во јавна администрација, од која најголем дел ги прележа овие четири месеци, оваа одлука е повеќе од небулозна. Наметнувањето на оваа нова нездравствена обврска ќе преставува колапс на веќе преоптеретениот здравствениот систем пишува др.Беќаровски на својот фејсбук профил.

Од ДИК велат дека членството во избирачките одбори е законска обврска и не може да се изврши комплетно unblock – изземање на здравствените работници.

Синдикатот мора да сфати дека треба да се испочитуваат законите. Изборниот законик покажува како може да се побара изземање, со соодветна документација потпишана од нивните претпоставени која ќе се испрати до општинските изборни комисии – вели претседателот на ДИК, Оливер Деркоски.

Синдикатот не отстапува. Бараат итно системско решение.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста