Синдикалците на УПОЗ во четврток и во петок ќе одржат двочасовен предупредувачки штрајк

Синдикатите во државава децидни во своите барања.  Предупредувачки штрајк најавија   и вработените во судовите, министерствата, државните управи, агенции. Вработените каде има синдикални организации на УПОЗ во четврток и петок ќе бидат на своите работни места, но од 10 до 12 часот нема да работат.  

Револтот доаѓа откако власта не ги слушнала нивните барања за линеарно покачување во согласност со минималната плата , како и тоа дека 95 проценти од вработените во правосудството и управата земале плата под минималецот, а останатите биле со грешна пресметка.  Според Деаноски неразбирливо е како државата свесно го крши законот кој го донела, и како пример го посочи огласот во едно министерство за референт за кое е предвидена плата од 14.000 денари.

Изгледа дека Владата не е заинтересирана за преговори со нас, иако тоа го вети. Она за што предупредувавме минатиот пат се оствари и скоро во сите институции во управата и правосудството на вработените не им се исплаќа минимална плата. Повторно вработените од управата и правосудството остануваат единствените во државата со плата под минималната плата.   Не е многу, два часа се, меѓутоа тие два часа можат да пораснат и да бидат осум часа прекин рече Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски.

Во генерален штрајк на 14 месецов ќе стапат и  вработените во „Македонска Пошта“ по   три пропаднати обиди за линеарно покачување на нето платите од 3000 денари. Вработените бараат  целосна систематизација на работните места, како и обезбедување на неопходни средства и услови за работа. Како што беше посочено, во „Македонски Пошти“ имало вработени кои воопшто не доаѓале на работа, а за тоа земале плата. Штрајкот ќе трае се додека  не се исполнат барањата, освен за неопходните активности.

 Во меѓувреме, одржавме и средба заедно со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, Управен одбор и синдикални организации за реализација на нашето барање. Договоривме рок од 7 дена да се даде одговор на нашите барања, но по истекот на рокот ниту добивме одговор, ниту бевме повикани на повторна средба, рече Боро Велигденов, Претседател на Синдикатот на „Македонска Пошта“.

Ете минималната плата е 18.000 денари, но директорот Јани Макрадули не се одзва на неговото ветување и затоа го искажуваме нашето незадоволство, бидејќи не може да се крие позади Законот за минимална плата, при што и тој Закон јасно кажува во членот 8 треба скалесто да се усогласат тие плати, додаде Димовски.  Го повикувам Макрадули да го исполни договорот, рече Дарко Димоски – претседател на ССМ.

 Се поизвесно е дека идната недела на 11 април во штрајк ќе стапат и просветните работници, откако пропадна и вториот двочасовен обид за преговори помеѓу СОНК и власта. Првиот човек на СОНК изрази разочарување за тоа што се уште нема решение и кажа дека власта не го сфаќа сериозно предупредувањето за генерален штрајк . Надлежните до сега само повикуваат на разговори кои се одвиваат зад затворени врати, но во исто време упатуваат и закани до вработените во градинките и училиштата дека ќе им бидат најдени замени.  

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста