Силјановска вети европска иднина: Со реторика ЕУ ЕУ љубов моја не се оди во ЕУ

Силјановска вети европска иднина: Со реторика ЕУ ЕУ љубов моја не се оди во ЕУ

Претседател кој ќе биде меѓу народот, зголемување на реалните ингеренции на првиот човек на државата, спас за граѓаните од агонијата во која се наоѓаат, ова се главните амбиции на Гордана Силјановска Давкова, која се пријави на конвенцијата за избор на претседателски кандидат поддржан од ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку влезе во Вила Водно ветува дека работите во државата ќе бидат подобрени во секое поле, стручната подготвеност, а не партиската припадност ќе била главна при предлагањето на носители на јавни функции за кои претседателот има надлежност.

-Ветувам дека доколку станам претседателка моите кандидати ќе бидат најдобрите во Уставниот суд, најдобрите во Судскиот совет, дека амбасадорите ќе се регрутираат врз основ на компетентност и стручност, а не врз партиска блискост. Не треба да се зачудите ако ме видите на протест со маргинализирани групи во првиот ред, не треба да се зачудите дека ако во Парламентот има потреба од вето, дајте да се усогласиме овде, изјави Силјановска Давкова.

Европската агенда исто така е една од главните цели на Силјановска Давкова. Вели за напредок на европскиот пат ќе мора да се поработи на реалните проблеми на граѓаните и државата, а не само да има празни флоскули околу европската иднина.

-Со реторика ЕУ ЕУ љубов моја, ЕУ про ЕУ, фронт за ЕУ не се оди во ЕУ. Не, во ЕУ се оди со стандарди во сите области, од човековиоте права до економијата. Човековите права во Македонија се заборавени и нема да се зачудам ако се соочиме со постапки пред Судот во Стразбур, изјави Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова веќе ги собра потребните 30 пратенички потписи со што нејзиниот пат за претседателската кандидатура е непречен, но најави дека ќе собира и 10.000 потписи од граѓаните, со цел да влезе во израмнета трка со другите кандидати за претседател.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста