Сиљановска Давкова ja почна официјалната посета на Црна Гора
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска во Цетиње со највисоки државни и воени почести беше пречекана од црногорскиот претседател, Јаков Милатовиќ, со што почна дводневна официјална посета на Црна Гора.
По пречекот на кој беа интонирани химните на Македонија и Црна Гора, двајцата претседатели одржуваат тет-а тет средба, на која фокус ќе биде ставен на евроинтегративните процеси на двете земји и на регионалната соработка како клучен предуслов за одржување на стабилноста и поголем економски просперитет на земјите од Западен Балкан, јави специјалниот известувач на МИА од Подгорица.
Сиљановска Давкова и Милатовиќ во дворот на резиденцијата на претседателот на Црна Гора ќе засадат дрво на пријателство.
Според агендата на првиот ден од посетата, претседателката Сиљановска Давкова во Подгорица ќе оствари средба со претседателот на Собранието на Црна Гора, Андрја Мандиќ.
Дипломатските односи меѓу Македонија и Црна Гора беа воспоставени на 14 јуни 2006 година.