Сиљановска Давкова го покани Радев да ја посети земјава
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска во Софија оствари тет-а-тет средба со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, по што се одржа состанок на македонската и бугарската делегација, на кој покрај претседателката Сиљановска Давкова присуствуваа и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
На средбата со бугарскиот претседател се разговараше за потребата од засилен развој на македонско-бугарските односи, за надминување на отворените прашања меѓу двете земји, за текот на пристапниот процес за членство во Европската Унија и искористување на бугарските искуства на тој пат, како и за можностите за поттик и унапредување на билатералната соработка во повеќе области.
Претседателката посочи дека се потребни постојан дијалог и разговор меѓу двете соседни држави членки на НАТО и позитивни примери од двете страни со цел градење на стабилни добрососедски односи.
Во тој контекст таа го истакна значењето на културната и јавната дипломатија, како и потребата за унапредување на соработката во областа на инфраструктурата, економијата и трговската размена и фокусирање на предизвиците од сегашноста, наместо фокус врз минатото.
Во разговорот со претседателот Радев, претседателката истакна дека македонските власти ги преземаат сите неопходни активности за изградба на повеќе крупни регионално – инфраструктурни проекти кои се од стратешко значење за земјава, регионот и за Европската Унија.
На средбата, претседателката Сиљановска Давкова ја истакна неопходноста од продолжување на билатералниот политички дијалог на сите нивоа, размена на посети и градење на односи со меѓусебно почитување и поддршка, при што беше истакнато позитивното искуство во соработката на планот на културната размена, којашто придонесува за зголемување на довербата и пријателството помеѓу двете општества.
На средбата беа разменети мислења и за развојот на македонско-бугарските односи низ призма на предизвиците со кои се соочуваме на регионално и на глобално ниво, а за кои е потребен заеднички и усогласен пристап.
Во интерес на унапредување на мултисекторската соработка, соговорниците ја посочија можноста за вклучување покрај на институционалните и на вон-институционалните чинители, граѓанскиот и бизнис секторот, како и на научно – образовните институции и медиумите.
На средбата, претседателката Сиљановска Давкова упати покана до претседателот Радев за посета на нашата земја, која бугарскиот претседател ја прифати.