Штрајк во училиштата и градинките, СОНК реагира за сериозни притисоци

Празни ходници, дворови без детски џагор, невообичаена тишина. Ваква беше атмосферата во речиси сите основни и средни училишта низ земјава. Стартот на новата недела не започна со вообичаеното ѕвонче за почеток на наставата.

Наставниците дојдоа на работните места, но не држеа настава. Седеа во училниците во знак на револт што власта не ги слуша нивните апели за подостоинствено вреднување на нивниот труд. Пред камерите не сакаа да зборуваат, иако зад нив гласно негодуваа што имале сериозни притисоци да се откажат од штрајкот.

А такви не биле малкумина. Од повеќе училишта алармираа за т.н. штрајкбрехерство, притисоци, лобирање за поделби. Во најголем дел во општините под капата на власта. Синдикатот реагира дека ќе поднесе кривични пријави за сите обиди за притисоци:

  • За волја на вистината, во делот на детската заштита, во детските градинки имаме и посериозни притисоци и проблеми во однос на настојување на директорите на градинките да воспитувачите по секоја цена влезат во детските групи, да се прекине штрајкот итн, истакна Неделков, додавајќи оти никој не смее да го прекине процесот на штрајк и оти најавиле кривични пријави против секој кој ќе се обиде да го стори тоа.

Како што посочи Неделков, во однос на притисоците на вработените во воспитно-образовните институции особено изразена е ситуцијата во детските градинки во Општина Центар, во Општина Карпош во градинката „Орце Николов“, во Општина Валандово, Општина Гевгелија и во некои други општини каде има помал број на штрајкувачи кои морале да бидат на своите работни места иако се во штрајк.

  • Апсолутно е неприфатливо и недемократски во 21 век на некого да му се крати правото на слободно изразување на неговото незадоволство. Тоа ние нема да го дозволиме, истакна Неделков.

Пред камера не сакаа да застанат ниту директорите на училиштата за да кажат како се одвива првиот ден од штрајкот. Родителите збунети. Велат дека не знаат што ќе се случува деновиве. ПЧоголемиот дел од нив не ги ни донеле децата во училиштата затоа што знаеле дали ќе има штрајк.

Министерот за образование тврди дека го почитува правото на штрајк, но според него тоа требало да биде последниот чекор. Најави интензивирање на дијалогот со синдикатите и средба со СОНК најдоцна до утре за решение.

Го почитувам синдикалното право на штрајк, но тој треба да биде последен чекор. Социјалниот дијалог ќе продолжи со СОНК за набргу да се најде решение, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири и најави дека денеска или утре ќе закажат средба со синдикатот.

  • Ќе повикам во најбрз можен рок да најдеме заеднички договор на овие проблеми и наставата да продолжи. Мислам дека во текот на неделата ќе имаме состаноци и сакам разбирање затоа што штрајкот требаше да биде последен чекор, рече Шаќири.

За синдикатот решение е можно само доколку се исполнат нивните барања. Од Владата велат дека во некои градови училиштата биле целосно под клуч, иако законски во ваква ситуација не смее да има прекин во образовниот процес. Штрајкот продолжува.   

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста