Штрајк во градинките: Вработените алармираат за притисоци

Жестоки притисоци од владата за штрајкот во градинките. Повеќето градинки останаа празни, но некои сепак беа принудени да примаа деца. Вработените се жалат дека во дел од овие установи се бараат списоци на луѓето кои се приклучиле на синдикалниот повик, а во други тие што имаат договор на определено време или се водат како хонорарци не штрајкуваат оти се плашат да не бидат избркани. Повеќето родители покажале разбирање и не ги донесоа своите дечиња во градинка.

Зад камерата на алфа, вработените од градинките кои ги организираат синдикалните штрајкови, беа видно вознемирени и ни се пожалија дека трпат силни притисоци. Една од нив ни раскажа дека имала сериозни проблеми со директорката токму заради тоа што е дел од синдикалната организација.

Слични проблеми има во повеќе детски установи. Па така во скопската градинка Пролет мораше да се појави и претседателот на општинскиот одбор на СОНК за да ги заштити своите колеги.

Притисоците беа очекувани, ако се земе в предвид дека министерката за труд и социјална политика уште пред една недела им се закани на вработените доколку штрајкуваат, ќе бидат заменети.

„Општината е должна, директорите на детска градинка треба да се обратат до општините, сите оние кои што ќе штрајкуваат да бидат заменети со кадар така што градинката мора да работи. Легитимно право е да се штрајкува, меѓутоа и по закон и по Устав е дечињата да бидат згрижени.“

За ова, неодамна предупреди и претседателот на синдикатот, Јаким Неделков: „Почнаа жестоки притисоци врз вработените во градинките кои ќе штрајкуваат од понеделник. Вработените во детските градинки се под голем притисок од страна на директорите на установите, кои бараат списоци на штрајкувачи, ги заплашуваат со заменски работници, заплашување со откази, казни.

Тој ја предупреди власта дека според кривичниот законик секаков вид на притисок со кое се нарушува правото на штрајк е казниво, па дури е предвидена затворска казна. Им најави на своите колеги дека адвокатите на СОНК ќе им пружат помош и ќе следуваат кривични пријави за сите кои се обидуваат да го попречат штрајкот.

Иако синдикатите веќе долго време се обидуваат да се договорат со владата, постојано добиваа ветувања за нови средби и повици за дијалог, но без разврска и решенија за предизвиците со кои се соочуваат, поради што, се очекува штрајкот да продолжи се дури не се постигне договор.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста