Штрајк на вработените во Управата за матични книги, изводи само за итни случаи

Вработените во Управата за матични книги го започнаа штрајкот со кој бараат раст на платите согласно растот на минималецот и нов колективен договор . Шалтерите на кои граѓаните можат да ги извадат потребните документи не работат, а  пред вратите на Управата нема поголеми гужви.

Управата издава документи за склучување бракови, но само за оние кои биле закажани пред почетокот на штрајкот . Се издаваат документи и во други итни  случаи, на пример , доколку лице кое е од странство починало во земјава па е потребен  документ за починатиот да може да биде изнесен од Македонија, или  во случај на новороденче на кое родителите му се странски државјани.

Вработените во Управата стојат цврсто на своите барања. Велат штрајкот ќе продолжи се додека не бидат повикани на дијалог за наоѓање на решение.

Унапредувањата мора да постојат кај нас. Имаме референт кој работи 38 години, а се примаат нови, самостојни референти, не е убаво, не е вкусно, систематизацијата е лоша и усогласувањето на платите со законот за минимална плата. Прават притисоци, нормално, тие што не се членови во синдикатот од утре да си стартуваат со работа. Не е така законот, така да се што се приклучува кон синдикатот, слободно може да штрајкува, вели Игор Јовановски – потпретседател на независен синдикат на Управа за водење матични книги

Само неколку часа по отпочнување на штрајкот, вработените веќе почнаа да се соочуваат со огромни притисоци од нивните надредени, за да го прекинат штрајкот. Од Конфедерацијата на Синдикални организации на Македонија  изразија поддршка за вработените во Управата и порачаа дека нема да подлегнат на притисоците.

Се огласија и од  Министерството за  правда – порачаа дека се запознаени со барањата на синдикатот, но дека не е возможно да се потпише предложениот колективен договор ,бидејќи барањата за зголемување на бодот, биле спротивни на Законот за административни службеници. 

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста