Штрахе исклучен од ФПО

Слободарската партија на Австрија (ФПО) денеска го исклучи од своето членство поранешниот лидер Хајнц-Кристијан Штрахе.

– Одлуката за исклучување ја донесе виенскиот комитет на ФПО, рече лидерот на партијата Норберт Хофер на прес-конференција.

Тој посочи дека виенскиот одбор ја следи одлуката на партискиот суд.

Членството на Штрахе во ФПО беше суспендирано на почетокот на октомври, а одлуката за „исфрлање“ од партијата е донесена сега, откако тројца нивни пратеници формираа нова партија, која треба да му овозможи на Штрахе да се врати во политиката.

Тој е критикуван во ФПО дека со пари на партијата плаќал приватни сметки.

Инаку, кон средината на мај, Штрахе беше принуден да си поднесе оставка од сите политички функции поради корупциската афера „Ибица“, врз основа на снимка направена пред две години на која се гледа како на наводна роднина на руски милијардер нуди државни работни места за финансиска поддршка на неговата партија, заобиколувајќи ги контролните органи.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста