Што понуди владата на Заев – креативно решение или креативно толкување на Преспанскиот договор?

Преку пробниот балон за Илинденска Македонија, до денешното, најдобро креативно според Владата, решение за Северна Македонија кое го бетонирало идентитетот и гарантирало македонскиот јазик – вака изгледаше преговарачкиот пат за кој Заев и Ципрас си подадоа рака во Нивици. Ветуваше дека нема да дозволи менување на институционалниот идентитет, па се поби и самиот и ја прекрсти Македонија.

Но и до потпишувањето на спорниот договор, македонскиот идентитет беше забетониран во ОН. Алфа во јуни ексклузивно објави документи од Советот за безбедност од август 2001 со кои јасно се гледа дека потпишаниот договор сега не е столбот што ги обезбедил националноста и јазикот во Организацијата – туку напротив. Организацијата го признава идентитетот на македонските граѓани, меѓу нив и на Македонците. Во него стои „да се почитува етничкиот идентитет и интересите на сите граѓани“. Уште една потврда дека и години потоа ситуацијата била запечатена, а дека сега со договорот губиме, е документот од преговарачките материјали од 2008 година, во кој јасно стои дека името на јазикот е „македонски“ а на нацијата „македонска“.

Но и  покрај ваквите факти, премиерот најави дека ќе бара од сите членки кои не признале под уставно име, сега да не признаваат под новото – Република Северна Македонија.

Насмевки и пријателски прегратки…Е сега на ред е спроведување на договореното, ама и македонската и грчката страна притискаат да ги поминат етапите согласно роковите….Премиерот Заев брои гласови за двотретинско мнозинство за менување на Уставот. Доколку се обезбедат 80-пратеници, што е тешко изводливо откако пратениците на опозицијата ја напуштија дискусијата, четири области од македонскиот Устав ќе трпат измени и покрај противењето на мнозинството граѓани. Во целиот текст на Уставот на Република Македонија пред зборот Македонија се додава придавката Северна, се менува и преамбулата каде се именуваат конкретните документи на АСНОМ, во делот кој ги дефинира границите каде се прецизира поцврста гаранција за нивна неменливост како и тоа дека нема територијални претензии, во делот за грижа за дијаспората се наведува дека нема да смее да има мешање во внатрешните работи на други земји.

Договорот предвидува користење на придавката „македонски“,но називите на државните институции ќе треба да го следат новото име на државата – Република Северна Македонија, така нема повеќе да има МАНУ, МРТ, МНТ, АРМ…

Ќе се преименуваат споменици, ќе се елиминира Соцето од Кутлеш и ќе се прави ревизија на историјата.  Во меѓувреме ќе се менуваат личните документи и пасошите, но кога ќе истече важноста на патната исправа.

Ако двете страни до крај не го имеплементираат договореното договорот нема да важи, а Македонија за ЕУ останува под привремената референца ПЈРМ .

Ивана Соколовиќ Најдова