Што поголема стапка на вакцинација – спас за туризмот во земјава

Што поголема стапка на вакцинација – спас за туризмот во земјава. Каква ќе биде туристичката клима годинава е неизвесно, но едно е сигурно и ова лето туристичките работници „ќе се крстат“ во домашните гости . Поради рестрикциите во своите земји странските туристи и оваа година најверојатно ќе ја заобиколат Македонија .

Ние сме една од најотворените земји, немаме рестриктивни мерки за влез во земјата. Но тие кои не посетуваат, се соочуваат со еден поинаков проблем, кога ќе се вратат во нивните матични земји бидејќи мора да седат во карантин. Некои земји дури не им ги признаваат ПЦР тестовите, па мора да поминат 7, 10 или 14 дена во самоизолација. Сепак, и оваа година ќе доминираат домашните туристи – вели директорот на Агенција за поддршка и промоција на туризмот Љупчо Јаневски


Македоските државјани пак за разлика од лани годинава имаат повеќе опции за летување . На одмор во Грција и Бугарија ќе може да се оди само со сертификат за вакцинација или негативен ПЦР тест. За Албанија важи истата мерка, но за сега до 3 мај. За Црна Гора пак нема да биде потребно ништо од ова , Црногорците најавија отоворени граници за туристите од Македонија. И додека земјите од регионот веќе направија план како да привлечат туристи, кај нас е се уште не јасно како власите  ова лето ќе им помогнат на домашните туристички работници. Јаневски смета дека оваа година, иако сме помудри и знаеме како да постапиме, потребни се големи напори, за да се спаси секторот.

Тоа што се случува со пандемијата, и мерките за патување, не само за тие што сакаат да не посетат, туку и за нашите туристи во странство се менуваат постојано. Еве на пример нашиот јужен сосед Грција повеќе од една година е затворен за наши граѓани, и покрај тоа што е традиционален пазар за летни одмори. Се менуваат работите, се надевам дека рестрикциите ќе се намалат и ќе може да се патува во соседните но и другите земји – вели Јаневски.

Инаку во текот на месец мај ќе започне аплицирањето за ваучери од кампањата „Дома си е дома“ . Во меѓувреме, туристичките работници неколкупати на протести бараа неискористените ваучери од лани да важат и ова лето.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста