Што може да направи ковачевски, а не можеше заев – дилема пред средбата на идниот македонски премиер и неговиот бугарски колега

Ќе донесе ли средбата на мандатарот Димитар Ковачевски и бугарскиот премиер Кирил Петков позитивен сигнал за интеграциите и тргање на ветото? Позициите на Петков се јасни дека нема отстапување од бугарските црвени линии, а македонската страна пак негува оптимизам дека откако испратиле одговори до тамошната влада во кои прифаќаат она што е поставено како ултиматум преку 5+1 точка се можни конструктивни разговори за излез од кризата.

И додека се чека одговорот на Петков во однос на македонските одговори на ултимативните барања на официјална Софија , не запираат провокациите.  По најавата на шоуменот и претседател на партијата Има таков народ, Слави Трифонов дека деблокада на Македонија може да има ако Бугарија влезе во Шенген зоната и патува во САД без визи, остро реагираа владејачките партии во Бугарија. Целосно се оградија од неговиот став, оти велат дека Бугарија има јасен став и стратегија за односите со земјава. Потпретседателот на Народното собрание на Бугарија Кристијан Вигенин преку статус на фејсбук остро реагира да не се даваат импровизирани изјави кои ја поткопуваат бугарската позиција

-Секој збор има свое значење, затоа очекувам импровизираните изјави во оваа фаза да бидат сведени на минимум, за да не се создава лажна претстава за пукнатини во бугарската позиција или меѓу коалиционите партнери, стои во статусот на Вигенин.

Дека Бугарија нема намера да отстапи од зацртаното, покажува и намерата на претседателот Радев , кој најави дека во првата половина на јануари ќе биде свикан и Националниот совет за безбедност со главна точка на дискусија – односите со Македонија.

Последната најава на албанскиот премиер Еди Рама дека ќе бара раздвојување на Македонија и Албанија од пакетот за почнување на преговори доколку продолжи бугарското вето за земјава, дополнително долеа масло на огнот. Македонските функционери побрза да ја оправдаат таквата одлука.

А во интервју, за Еуроњуз Албанија, и француската амбасадорка оттаму Елизабет Барсак призна дека желбата за раздвојување на двете земји доаѓа од фрустрацијата поради ветото на Бугарија за Македонија.

Во однос на ова прашање, верувам дека треба да ја надминеме идејата дека овие два народа можат да се разделат. Знам дека многумина велат дека овие две земји биле третирани како една и бидејќи работите не одат толку добро меѓу Северна Македонија и Бугарија, тогаш тие треба да се раздвојат. Ова треба да се надмине и треба да дадеме се од себе за да може двете меѓувладини конференции да се одржат во исто време, изјави Барсак.

Иако и Албанија и Македонија формално ги исполнија сите барања, во јуни, лани, Советот за општи работи на ЕУ не успеа да постигне договор за почеток на пристапните преговори со ЕУ, поради бугарското вето за Македонија. Никакво поместување немаше ниту на последниот Состанок на министри во декември.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста