Што го предомисли Пендаровски за да порача да не се брза со Бугарија?

За една недела шефот на државата го смени ставот за решавање на бугарската блокада и македонските евроинтеграции. Пендаровски кој пред само 7 дена тврдеше дека спорот со источниот сосед со оглед на досега сработеното може да се реши за неколку недели, на вчерашното годишно обраќање пред пратениците убедуваше дека Македонија не треба да брза во преговорите со Бугарија.  За поранешниот македонски амбасадор во Лондон, Јован Донев, не е прв пат македонските политичари да го менуваат својот став за краток период.

Многу е тешко да ги анализирате изјавите на македонските политичари. Не им е прв пат да менуваат изјави, да менуваат се, меѓутоа, главниот проблем е што ние прво не читаме и второ носиме заклучоци врз основа на некаква еуфорија, нерационални изјави од другите држави што стигаат до нас. Претседателот на државата претпоставувам неговата првична изјава беше базарина на недоволната изјава на новиот бугарски премиер и по вчерашното негово интервју за „Политико“, кај што јасно кажува дека Бугарија останува на своите позиции, ја смени изјавата. Главниот проблем е македонската надворешна политика, но не само надворешната.. Ние немаме ниту сериозни анализи, ниту можеме да ги предвидиме потезите на другата страна. Поради тоа што ги немаме тие анализи не знаеме што може да не очекува од другата страна. Тоа е генерален проблем на македонската дипломатија – вели за Алфа, Јован Донев.

Донев не гледа решавање на спорот ниту во јануари како што очекува првиот македонски дипломат, ниту пак за неколку недели освен ако Македонија не ги прифати бугарските барања.

Ние цело време се вртиме во круг. Она што е најважно во овој момент, и што треба ние да го направиме во овој момент е да го послушаме словенечкиот амбасадор. Вие ако немате свој амбасадор во Бугарија. Ако вие во Бугарија не работите на терен, за евентуално изнаоѓање на компромисно решение, ако во овој случај воопшто е возможно да се постигне компромис, вие не можете да очекувате ништо. По тоа се гледа дали една држава ви е пријател или непријател. Словенечкиот амбасадор беше најпријателски совети даде што можеше да ни ги даде некоја друга држава која во крајна линија не е заинтересирана за овој спор-вели за Алфа, Јован Донев.

Инаку, владата се уште молчи и не кажува на какви нови отстапки се согласила и што се стои во одговорите на Македонија на контроверзните бугарски 5+1 точки кои како ултиматум се поставени за тргање на ветото за интеграциите.

Официјална Софија ни оддалеку не најавува менување на цврстите позиции, ама министерот Османи брои ситно и е оптимист дека решение за спорот е можно во јануари.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста