Деновиве, иако во сенка на предизборието и пандемијата, како еко- бомба одекнаа наодите од извештајот на меѓународната еко- мрежа „Бенквоч“, со податоци дека во РЕК „Битола“, за само една година се дуплирал испуштениот SO2 и прашината. Во споредбениот период 2018- 2019 година, референтни податоци се 52.823 тони во 2018 година, а во ланската година дури 105. 431 тон, што значи дека термоелектраната во РЕК „Битола“ ослободила најголема емисија на SO2 во регионот, а можеби и во Европа. Ова го велат од „Бенквоч“, а во битолската електрана рекоа дека нема зголемување на загадувањето. Според нив, мерањата на емисиите во 2018 година се вршеле во период кога термоелектраната работела, а во 2019 година се мерело , без исклучок, секој месец, се вели во соопштението на РЕК „Битола“.

Но, што велат еко- активистите, особено оние од граѓанскиот сектор, кои пред неколку години, заедно со сегашното раководство на РЕК „Битола“ и нивните сопартијци, секој ден маршираа низ Битола за почист воздух со слоганот „За нас се работи“?

– Претпоставуваме, најверојатно тоа се должи на квалитетот на јагленот што согорува (условно кажано), но и на мазутот кој се долива за подобро согорување. Е, сега, од каков квалитет е мазутот и јагленот, тоа треба да го кажат оние што работат со тоа. Во неколку официјални средби, јас како претставник на граѓанскиот сектор, поставив прашање и побарав официјално известување за квалитетот на мазутот и јагленот, колку сулфур содржат, но досега немам добиено нешто такво- рече Душко Груевски, граѓански еко- активист и парохиски свештеник во Новаци.

Според извештајот на „Бенквоч“, РЕК „Битола“ излегува дека е една од најцрните еко- точки на Балканот и во Европа, а ваквата емисија на ослободен SO2, е сериозна закана врз здравјето на луѓето. Дека е така, потврдува и фактот што и во оние малку испитувања на пелагониската почва околу Комбинатот, има голема концентрација на тешки метали.

– За штетното влијание врз здравјето на луѓето и оние скудни податоци што постоја, се кријат небаре станува збор за класифицирани информации. Меѓутоа, едно е сигурно. Битола е ендемско подрачје за малигни заболувања, во кое, секој ден се дијагностицира по еден новозаболен, а барем еднаш неделно, се утврдува рак на дојка кај битолчанки.

Петар Стефановски