Штипјани поминаа мирна ноќ, капацитетот на болницата исполнет

Мирна ноќ во регионалниот Ковид-центар во Штип. Во текот на ноќта и претпладневните часови нема промена во бројот на хоспитализирани. На инфективно се 42 пациенти. Седум од нив се на кислородна поддржка, а двајца поради влошување на состојбата се хоспитализирани во болницата „8-ми Септември“.

Од вчера штипската болнциа беше приморана да го активира планот „Б“. Пациентите од неврологија се пренесени на урологија, со што се доби дополнителни 15 кревети за пациенти со корона. Изминатите денови Штип е со двоцифрени бројки на новозаболени.

Битката со вирусот вчера ја загуби и 34 годишниот штипјанец, на кој не помогна ниту крвната плазма. Ова дополнително ги исплаши штипјани.

Од Центарот за јавно здравје информираат дека најголем број од новозаболените се работници. Таков е случајот и во Свети Николе и Пробиштип. Од вчера по барање на трудов инспектор, во Пробиштип е затворена конфекција, а од пред два дена по појава на позитивни случаи на двонеделен годишен одмор се испратени и работници од прехранбена фабрика во Свети Николе.

Александра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста