Штипјанец фатен со стотина лични карти и пасоши – ќе ги врател ако гласале за СДСМ

Простување на долг во замена за глас. Патни исправи на Роми се чувале како залог за долг, кој требало да се отпише ако должниците на изборите излезат да гласаат за СДСМ . Министерот за внатрешни работи, Чулев обелоденува случај со поткуп на гласачи во Штип. Трговец чувал 69 лични карти и 18 пасоши, но и останати документи. Полицијата ги нашла при претрес во неговиот дуќан. Бил пронајден и список со имиња, но и стари документи за лична идентификација. Извршен е претрес и во неговиот дом.

„По добиени оперативни информации дека лицето Д. А. од Штип поседува патни исправи и лични карти од повеќе НН лица од ромска националност кои биле држени како залог за настанат долг во неговата прехранбена продавница, а кој долг наводно би им бил подмирен доколку истите на денот на изборите гласаат за политичката партија СДСМ, од страна на ОЕК при СВР Штип од Судија на претходна постапка од Основен суд Штип побарана и добиена е наредба за претрес на дом и други простории кај конкретното лице со цел обезбедување на материјални докази и целосно документирање на настанот “, – се вели во статусот на фејсбук профилот на Чулев.

Полицијата го расчистува случајот. Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев апелира до граѓаните да пријават доколку некој им врши притисок за кого да гласаат или им го попречува избирачкото право. Неговата заменичка Славјанка Петровска пак тврди дека ова не е кривично дело поврзано со изборите, туку дека станува збор за кривично дело од областа на економскиот криминал кое допрва треба да се докаже.

Ања Василева

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста