Широка влада или Албанец премиер- какви се коалиционите комбинации?

Широка Влада или Албанец премиер? Овие две опции засега изгледаат најреални со оглед на постоечките изборни резултати. 46 мандати освоија СДСМ и Беса, 44 ВМРО-ДПМНЕ, 15 ДУИ, 12 Алијансата на Албанците, 2 Левица и еден ДПА.

Ваквата мала разлика меѓу двете најголеми македонски партии, кои добиваат помалку од 50 пратеници и големиот број на мандати кои ги доби ДУИ, со што станува фактор без кој во моментов не може да се формира политичка Влада, сосем сигурно ќе донесат тешки преговори за формирање на новото владино мнозинство.

Она што претставува проблем во моментов е уцените на ДУИ за премиер Албанец, а според моменталните резултати нивните апетити сигурно ќе се зголемат. Дека е подготвен да седне во премиерската фотелја, уште еднаш потврди и кандидатот за премиер на интегративците, Насер Зибери.

-Нашиот став е јасен, ние сакаме да градиме едно општество за сите. Јас сметам дека сум соодветната личност за тоа, изјави Зибери.

Опозицијата на став дека нема да прифати условување за Албанец премиер. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, порача дека е подготвен да разговара со секој политички субјект за формирање на владино мнозинство, но вели дека нема да преговара под уцени.

-Јас во деновите кои следат, многу децидно, многу експлицитно кажав дека подготвен сум да преговарам, бидејќи кредибилитетот кој што го носи ВМРО-ДПМНЕ за овие избори е најголем, но она за кое што не сум подготвен да преговарам е токму ова што го споменавте, бидејќи јас како што кажав под диктат не работам.

Владејачката СДСМ пак како да го менува ставот. Иако цела кампања партискиот лидер велеше дека ДУИ заминува во опозицијата, сега малку омекна, сепак избегна да открие дали би го прифатил условот на интегративците за Албанец премиер.

-Треба да ги сочекаме резултатите, реков во моментов водиме три мандати, можно е и четири и пет, зависи како ќе прекрши донтот, поради тоа што има изборни единици уште 20 проценти резултати, 13, 9, 11 проценти од резултатите. Така да, прво зависи од резултатите, а секако навремено ќе кажеме со кој имаме поголем мегдан, фронт пред нас да правиме коалиција, изјави Заев.

Според постоечките резултати единствен начин да се формира политичка Влада без ДУИ, е СДСМ да коалицира со Алијанса на Албанците, Левица и ДПА, како би стигнале до 61 пратеник. Сепак ваквото сценарио е тешко остварливо, со оглед на ставот на Димитар Апасиев дека нема шанси да преговара со Зоран Заев.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста