Ширењето на корона вирусот во Македонија излезено од контрола, статистички сме најлоши во регионот

Македонија урива рекорди по бројот на заразени и починати од Ковид 19. Со вчерашните 641 нови позитивни случаи бројот на активни пациенти во земјава се искачи над 6000 случаи што е за три пати повеќе од стартот на Октомври, кога имаше околу 2000 активни случаи. За само три дена, бројот на ново заболени се зголемил за близу 1300 случаи или вкупно 3200 ново дијагностицирани пациенти за една седмица. Над 50 пациенти ја загубиле битката со болеста во последните седум дена.

Светските статистики со загрижувачки податоци за земјава. Според податоците на Ворлдометер, по број на активни случаи на еден милион жители, Македонија има полоши бројки и од Велика Британија, Шведска, Русија, Италија, Германија. Од вкупно 215 земји и територии земјава е рангирана на 41. место со 11.921 пациент на еден милион жители, што е дупло повеќе од светскиот просек од 5.302. Пред нас е само Црна Гора со над 25.000 заразени на милион жители, Хрватска е на 72. место, Албанија на 78. место, Бугарија на 99. место, Србија на 103. место.

Алармантна е и црната корона статистика на починати пациенти. Во земјава близу 870 луѓе починале од вирусот или на еден милион жители Македонија има вкупно 414 смртни случаи што е за скоро 3 пати повеќе од светскиот просек кој изнесува 145,4. Македонија е убедливо најлошо рангирана од сите балканските земји, како и од европските држави: Холандија, Швајцарија, Русија, Германија, Данска, Турција. Полоши од нас се само земјите кој беа први на удар и кои беа најсилно погодени: Италија, Шпанија, Британија, САД и Бразил.

Од почетокот на корона пандемијата, во земјава има околу 25.000 случаи позитивни на Ковид 19.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста