Шилегов ветуваше но не го реши проблемот со аерозагадувањето

Битката со аерозагадувањето не е битка во која што ќе можете да воведете мерки кои ќе дадат брзи резултати – изјави градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.
Повеќе од три години од мандатот на градоначалникот Шилегов не беа доволни за мерките во борбата против аерозагадувањето да дадат резултати. Граѓаните и понатаму дишат отровен воздух а овој горчлив проблем одзема до 3000 жртви годишно. Сепак, градоначалникот се правда дека битката не е лесна и потребно е време.
Уште во предизборната кампања Шилегов ги најавуваше главните приоритети на локалната власт – почист воздух и повеќе зеленило, три години подоцна, Скопје неколкупати се наоѓа на врвот на светските листи со најзагадени градови во светот.
Во отсуство на конкретни мерки, градскиот татко се фали со петте илјади инвертери – мерка која сепак се покажа како недоволна за метропола одф типот на Скопје оти ретко кој имаше можност да ја искористи.
Шилегов признава дека критичните точки се Кисела Вода и Ново Лисиче – најниските места во скопската котлина каде доаѓа до таложење на загадениот воздух. Верува дека жителите на овие две општини ќе се спасат доколку добро се организира греењето на домаќинствата.
Го работиме концептот на Градски енергетски системи, веќе сме во разговори и со БЕГ и со Регулаторна. Ако БЕГ останува во системот, ГЕС да стане дел од тој систем. Околу 730 згради ќе можат да се приклучат на тој систем.. – вели Шилегов.
Справувањето со загадениот воздух и понатаму се сведува на футуристички планови, а градските власти уште еднаш најавија стратешка борба за поздрава околина. Додека мерките дадат видливи резултати, на луѓето им останува да чекаат да заврне дожд или да дувне ветер за да имаат привилегија да дишат почист воздух.
Адријана Алексиеска