Шилегов: Стратегијата за борба против загадувањето-адут на Скопје во трката за зелена престолнина

Градот Скопје кој речиси секој втор ден е во топ 10 црната листа на најзагадени градови во Европа, се кандидирал за Европска зелена престолнина 2021. Покрај загадениот воздух, проблемот со бездомните кучиња, градската чистота, сепак градскиот татко Петре Шилегов вели дека сме се влегле во втората фаза за зелена престолнина, според Европската комисија. Шилегов се правда, не било само зеленилото или воздухот параметар за квалификација за титулата.

Според Шилегов, ваквиот тек на настаните било знак дека сме на добар пат. Граѓаните пак се песимисти, велат со ваков загаден воздух и неажурност на институциите, можеби за сто години би можеле да се бориме за титулата европска зелена престолнина.

Надлежните велат дека работат, а сепак делотворни мерки за подобрување на воздухот нема. Велат проблемот не се решава за еден ден, потребно било време. Сепак на краток рок на повидок не нудат решенија кои би го подобриле амбиенталниот воздух кој секојдневно ги полни болниците.

Според Европската агенција за животна средина, повеќе од 3.000 лица годишно умираат како резултат на загадениот воздух во Македонија, а тоа е нотирано и во последниот европски извештај за квалитетот на воздухот. Македонија е прогласена за земја со најзагаден воздух и во врвот по бројот на смртни случаи по глава на жител, покрај Косово, Србија, Бугарија.

Според Светската здравствена организација, смртноста од последици од загадениот воздух во Македонија е над 125 лица на 100.000 жители, повеќе од двојно повисока од европскиот просек, кој е 60 прерани смртни случаи годишно на 100.000 жители.