Шилегов: стопирана изградбата на објектот на покривот на ГТЦ, се преиспитува состојбата

Наместо зеленило, бетонски објект со огромен габарит никнува на покривот на Градски трговски центар. По неколкудневните бурни реакции на граѓаните кои ја изразија разочараноста зошто наместо зелен појас, на кровот на ГТЦ се гради кафуле, Градот Скопје ја стопира изградбата. Градоначалникот Шилегов рече дека градежните работи се прекинати и во моментов се испитува состојбата на терен.

Кога го најави зелениот покрив на најстариот трговски центар во главниот град, Шилегов предвиде кафуле, но рече и дека фирмата што ќе стопанисува со објектот ќе има обврска да го одржува зеленилото. Градоначалникот сега вели дека се она што се случува на кровот на ГТЦ ќе се преиспитува. Сепак, Шилегов не се откажува од намерата зелениот покрив да биде завршен до 13 ноември.

Бурни реакции во јавноста изминатите денови имаше и за преименувањето на катната гаража „Македонска Фаланга“. Вчера се отстранија буквите од името на објектот, а денеска градоналникот уверува дека на овој потег се одлучил затоа што името не кореспондирало со Скопје. Дел од граѓаните, на социјалните мрежи, ова го оценија како акција со која македонскиот народ се самоизбришал од картата на народите.

Тања Попова