Шилегов признава дека не им дал дозвола на лицата со попреченост да постават шатори

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов признава дека не им дал дозвола, на лицата со попреченост да постават шатори пред Собранието во знак на револт кон актуелната власт поради немањето слух за нивните барања. Жали за нивната состојба но за Шилегов тоа не било начин за решавање на проблемите. Не заборави и да се пофали, што направил Градот во изминатите  четири години за лицата со попреченост, и покрај нивните критики кои укажуваат на спротивното.

Не мислам дека поставување на камп, во кој би биле сместени лица со попреченост, лица кои што и така имаат тежок живот би придонело нешто да оди побргу. Многу е важно дека посветеноста на градот, посветеноста на општините, посветеноста на државата е во намера да помогнеме на тие лица, и тоа е всушност правиот пат – изјави градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.

Го прашавме Шилегов дали, кога веќе не им дава дозвола да постават шатори, би ги примил на средба – уверува дека би соработувал со нив во секое време. Но од коалицијата „Менуваме“  тврдат дека градскиот татко  не одговарал на нивните телефонски повици. Обвинија дека локалната власт врши дискриминација на луѓето кои се борат за своите права, а тоа никако не смее да се случува во демократска држава. Според претседателот на организацијата Суарет Алишан, една земја вреди толку колку што ги почитува немоќните и беспомошните.

Ова нас ни личи на замолкнување на демократијата, замолкнување на лицата со попреченост, да не бидат видени во општеството.  Ние продолжуваме да ги блокираме улиците, низ Скопје и низ Македонија, Ако тогаш не бидеме видени, од 1 август до 3 август, ќе бидат блокирани сите автопатишта – изјави Суарет Алишан.

Лицата со попреченост во вторникот протестираа со цел државата да им овозможи достоинствен живот, побараа подобрување на социјалната заштита,  зголемување на месечникот надоместок од сегашните 7000 на 12 000 денари, како и намалување на границата за добивање додаток од 26 годишна на 18 годишна возраст. Тие вчера сакаа да постават и шатори пред Собранието, но не добија дозвола од Град Скопје, иако,како што велат, барањето било уредно поднесено до администрацијата.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста