Шилегов: Кој е овде луд, Јавното Обвинителство и Државниот инспекторат да си ја признаат вината
Остри критики од градоначалникот Шилегов кон Државниот инспекторат за животна средина и Јавното обвинителство неколку дена по скандалот со несоодветно третираниот отпад кој како таков бил транспортиран на скопската депонија Дрисла.
„Зарем мислите дека за таквии снимки 50 дена треба да се молчи, никој ништо да не прави, сега градот бил виновен што пријавил. Тие велат не сме им дале снимки, им ги покажавме кога ја правевме пријавата што не ги земаа веднаш? Истиот ден на 13-ти декември кога се пријави таа инсталација требаше да биде запечатена“.
Препукувањата на релација обвинителство-град скопје продолжи по вчерашната реакција на јавното обвинителство која обвини за неправилности при поднесување на доказните видео материјали на кои се гледа како кучиња скитници јадат делови од човечки органи.
Во реакцијата на Јавното Обвинителство стои:
„Основното јавно обвинителство Скопје ја информира јавноста дека кривичната пријава во предметот за третманот на медицинскиот отпад од страна на фирмата „Еко клуб“ од Битола на записник ја поднесе Главниот инспектор во Град Скопје на 13.12.2019 година, три дена откако го забележал настанот. При поднесувањето на пријавата, подносителот не достави материјални докази, а за настанот не е приложена ниту службена белешка, ниту записник за констатирани неправилности од страна на подносителот-инспектор“.
Од друга страна пак, Шилегов им порача на обвинителството и државниот инспекторат дека не требало да бараат начин како да избегнат одговорност за овој случај, туку требало да си ја наведнат главата и да си ја признаат вината.
Инаку, вчера скопската депонија ги отвори вратите за јавноста, каде медиумите влегоа кај печката каде се согорува опасниот отпад од болниците, каде затекнаа расфрлени епрувети со крв.
За надлежните тука немало ништо невообичаено, оти печката била оградена, а тука влегувале само овластени лица.
Симона Србиноска