Шилегов ја бара сопственоста на спомениците – ќе ги дислоцирал, а што ќе прави со објектите?

Бара ли Шилегов дозвола за да ги урне спомениците? Градоначалникот не се откажува од намерата да го преземе проектот „Скопје 2014“. Градската администрација и официјално поднела барање до општина Центар за преземање на одржувањето, но и на сопственоста на дел од спомениците. Шилегов е дециден дека ќе ја тера постапката докрај и покрај тоа што земјава во моментов се наоѓа во предизборен период. Ќе најдел начин Советите да донесат одлуки што ќе овозможат тоа законски да се реализира. Тој не негира дека крајната намера му е да дислоцира дел од поставените споменици.

Одржувањето на спомениците и фонтаните ги чинело граѓаните 500 илјади евра годишно – вели Шилегов. Градоначалникот никогаш не криел дека за него проектот „Скопје 2014“ е неприфатлив. Тој во неколку наврати се закани со уривање. Отворено кажа дека кога спомениците ќе паднат под негова ингеренција, ќе ги снема од видикот на Скопјани. Досега се дислоцираше споменикот на Ќосето од пред Врховниот Суд, а магично го снема и споменикот на Борис Сарафов кој беше поставен пред зградата на МНР како донација од скулпторката Стевановска. Во последниве неколку недели се води и жестока дебата околу недовршениот споменик на Мајка Тереза до хотелот Мериот. Предлогот на Шилегов е тој да се урне и да се пренамени во улица.

Од локалната власт се уште нема најави дали направиле детална анализа колку ќе чини отстранувањето на спомениците, каде тие ќе се дислоцираат, какви објекти или улици ќе никнат на нивно место и колку тоа ќе удри врз џебот на граѓаните, односно колку пари ќе се потрошат од собраните давачки од народот.

Инаку во последниве неколку години, проектот Скопје 2014 стана неизбежен декор на главниот град. Се зголеми бројот на туристи, како од внатрешноста, така и од странство кои го посетуваат Скопје и престојуваат подолго поради зголемената туристичка понуда на метрополата.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста