Скандалот со нелегалниот увоз на отпад во Бугарија, во кој се вмешани и двајца раководители од Дрисла, ги размрда македонските власти. Два дена по аферата, градскиот татко Петре Шилегов објави дека директорот на Дрисла Горан Ангелов ќе биде разрешен, а депонијата ќе се врати во владение на градот. Но, останува дилемата дали во земјава се гори токсичен отпад, проблем за кој невладините алармираат со години?

„Ги повикувам надлежните институции по преземањето на Дрисла и граѓанските асоцијација, кои имаат определени сознанија за евентуални можни нерегуларности да ги разменат за да се дојде до фактичката состојба“, рече Шилегов.

Од надлежното Министерството за екологија и вчера преку соопштение уверуваа дека Дрисла нема дозвола за увоз на отпад. Директорот на скопската депонија, пак на заедничка прес конференција со заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули, во ноември лани се фалеше оти воздухот кај Дрисла бил почист од оној во Аеродром.

Реакциите од невладините не стивнуваат – прашуваат зошто се молчи за проблемот со трговијата со отпад? Бараат од пратениците итно да ги утврдат предлог измените на законот за управување со отпад со кои ќе се регулира увозот и начинот на согорување на отпадот.

„Додека кај нас официјалните институции и претставници не гледаат никаков проблем кога е во прашање трговијата со отпад, а при тоа државата нема ни кадри, ни опрема, ни акредитирана лабораторија, ниту пак доволно обучени и некорумпирани инспектори за да го потврди тоа што го тврди, земјите од регионов делуваат на проблемот, отвораат истраги“, пишуваат од О2 иницијатива.

Во меѓувреме, јавниот обвинител од Бургас, објави оти 20-те контејнери со отпад кои пристигнале од Италија не содржеле радиоактивен или токсичен отпад туку биле несоодветно декларирани. „На документите стои оти контејнерите транспортирале пластика и каучук, но се утврдило оти во нив има железо, хартија и текстил“, велат од обвинителството.

За овој случај, во кој е вмешана фирмата „Блациона“, сопственост на македонски државјани, притворен беше бугарскиот министер за животна средина.

Биљана Божиновска