Сите седум сомнителни пациенти се негативни на корона вирусот

Негативни на корона вирус се резултатите кај седумтемина пациенти чии брисеви попладнево се тестираа во лабораторијата на ИЈЗ. Четворица од нив биле повратници од странство кои пред четири дена пристигнале од Швајцарија, Австрија и Германија. Се работи за жители на Куманово, Тетово, Кичево и Кочани. Се тестирал и полициски службеник од Охрид кој бил на служба во Дебар и две родилки од Дебар. И тие се негативни на вирусот.

„Едната е во болницата во Охрид, другата е во Скопје. Тие се во изолација и се во стабилна состојба, не се непосредно пред породување, меѓутоа ги донесовме тука за да се направат тестовите и да бидат спремни за породувањето“, потенцираше министерот за здравство Венко Филипче.

Стабилна е состојбата и на останатите заразени со Ковид – 19. 13 од нив се во одделот за изолација на Клиниката за инфективни болести. Таму, една жена е на респираторна машина и нејзината здравствена состојба се уште е неизвесна, велат надлежните. Петмина заболени од вчера се лекуваат и во Дебар.

Во меѓувреме, нови одлуки биле утврдени на денешната координација со Комисијата за заразни болести.

„Целиот здравствен персонал во сите јавно-здравствени установи и приватни болници го мобилизираме и ставаме на располагање согласно нашиот оперативен план за делување, доколку е потребно да работат во здравствена установа каде што ќе биде потребно. Сакам да изразам благодарност до приватните болници коишто уште во текот на минатата недела целосните капацитети ги ставија на располагање, вклучително и близу 70 интензивни легла, со респираторни машини за оваа патологија“, вели министерот за здравство, Венко Филипче.

Од утре, на располагање на деца евентуални заразени со корона вирус, ќе им биде Детката болница во Козле. Сите дечиња кои таму сега се лечат со респираторни проблеми ќе бидат префрлени на Клиниката за педијатрија.

Инаку, според информациите од Министерството за здравство, во моментов здравствените власти располагаат со 120 машини за дишење, од кои 90 биле лоцирани во главниот град.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста