Шестиот пакет мерки недоволен – протестите продолжуваат, освен угостителите на улица и сметководителите

Државната помош од шестиот пакет антикризни мерки е недоволна и нема да ги покрие загубите кои ги нанесе пандемијата, реагираат туристичките работници. Тие се незадоволни зашто помошта од 30% од просечниот месечен приход за 21 ден, ни малку не била доволна, зашто долговите им биле натрупани. Велат сакаат да преживеат, а не да заработат. Најавија дека ќе протестираат се до исполнување на барањата.

  • Го поздравуваме шестиот пакет, но нема одговор на нашите барања. Предвидената помош е моментална. Во мерките е напишано до 2.000 евра за лиценца Б и до 5.000 евра за лиценца А. Дали тоа значи дека некој може да добие 500 евра? Дури и да се ова максимум суми, ние вчера ја истакнавме потребата од континуирана и вистинска помош. Дали мислите дека компанија која има четири вработени може да издржи до крајот на годината ако нема приходи со тие 2.000 или 5.000 евра?, рече Силвана Јовановска, од туристичката агенција „Го Травел“.

И угостителите бараат сериозна финансиска помош. Велат дека со месеци немаат никаква помош, не само за зачувување на работните места туку ни за основните трошоци, и се под закана за губење на домовите и објектите од банки и извршители.

  • И во минатите пакети, едно беше колку се дава, а друго начинот на кој се аплицира преку институциите како УЈП и условите што треба да се исполнат од аспект на документација, платени давачки. Денеска е пратен допис до Владата за да ни се испрати точната методологија, односно како е замислено да тече начинот на апликација и кога е планирано тоа да се имплементира. Досега сме сведоци на континуирано задоцнето реализирање на мерките. Исто така, треба да видиме и на што се однесуваат тие 30 проценти, дали од вкупно прикажаниот приход или од некој друг начин на пресметување приход. Има многу нејаснотии, ја повикуваме Владата да ги објасни за да знаеме што не очекува и во кој поравец да движиме, истакна Мартин Ангеловски од ТУК.

На протестот на туристико-угостителската комора им се приклучија и сметководителите кои велат дека биле заборавени да ги вклучат во шестиот сет на мерки.

Според Александра Андреева, член на Управниот одбор на Комората, времето за преговори одамна заврши, а празните демагогии за задоволување на суетите ја доведоа сметководствената професија на маргините во општеството.

  • Се што сега можеме да направиме е да го подигнеме гласот и да се избориме со ригидноста на институциите за местото кое ни припаѓа, потенцира Андреева.

За тоа колкава помош ќе им треба, сметководителите ќе излезат со анализи врз основа на точниот број вработени по фирми. Само така, рече Андреева, може да се конструира соодветен пакет кој би ги задоволил потребите.

Инаку, шестиот пакет содржи седум мерки вредни 17,8 милиони евра. Овој пакет е насочен кон компаниите, а не директно кон граѓаните. Ги нема повеќе платежните картички и државната помош за плати, освен еднократниот надоместокот од 500 евра што ќе го добијат музичарите и туристичките работници кои во 2020 година месечни заработувале по 15.000 денари. Најпогодените сектори остануваат на улица се до исполнување на нивните барања.

Борис Грујоски