Презентиран шестиот пакет мерки – опфатени само 12 дејности

Додека фирмите и граѓаните ја чекаат помошта од петтиот сет на економски мерки, Владата најви дека само 12 категории на дејности и ќе добијат помош од шестиот пакет, вреден 17,8 милиони евра. Ќе опфати околу 10.000 компании и околу 60.000 вработени. Но прашањето е колку овие мерки и реално ќе помогнат. Ако се суди според досегашното искуство, државната помош не ги дала посакуваните резултати.

Со околу 2,5 милиони евра ќе бидат опфатени угостителските објекти кои не работат повеќе од две недели, потоа ноќните клубови, рестораните за свадби, евент индустријата, фитнес – центрите, фотостудијата и приватните детски одмаралишта. Мерки има и за туристичките агенции.

На угостителските објекти, кои се основани во текот на 2020 година како просек ќе им се зема периодот од денот на основање, па се до првиот квартал на 2021 година за да се утврди висината на помошта што ќе им се даде.

  • Со директна финансиска поддршка ќе бидат поддржани и туристичките агенции иако немаше одлука на Владата за нивно затворање. Сите лиценцирани агенции со Б лиценца, кои имаат од еден до три вработени, ќе добијат до 2.000 евра, а со А лиценца, со четири или повеќе вработени, најмногу 5.000 евра еднократна помош, истакна Бектеши.

Тој нагласи дека се во постојана координација со Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство и будно ја следат ситуацијата и ако е потребно, додаде, повторно ќе излезат во пресрет.

Иако угостителите бараа сериозна финансиска помош, сепак владата одлучила да им покрие само 30% од загубите. Дополнително ќе добијат по 15.200 денари за секој вработен за што ќе бидат одвоени 9,9 милиони евра. Ќе бидат опфатени 6.000 локали со околу 17.000 вработени.

  • На сите угостителски објекти ќе им бидат покриени 30% од приходите, износ кој ќе се пресметува како просек од просечниот месечен приход за претходните години. Сите регистрирани угостителски објекти ќе добијат 15.200 денари финансиска поддршка за секое едно вработено лице. Со оваа мерка ќе бидат поддржани околу 6 илјади угостителски објекти кои вработуваат приближно 17 илјади луѓе, посочи Битиќи.

Само во февруари и март близу 65.000 работници не добиле плата. Односно, нешто помалку од 19.000 компании, чекајќи ги мерките од петиот пакет ги оставиле вработените без денар два месеци.

Во изминатиот период еден куп компании протестираа незадоволни од владините мерки. Тие сметаат дека досегашната помош не била доволна и немала континуитет. Дел од фирмите имаат намалени приходи и за 80% па и до 100%, и ако не добијат сериозна помош, на стотици вработени им се закануваат откази.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста