Шестчлено семејство од Свети Николе одвај наоѓа за леб

Во трошна куќарка, без елементарни услови вака живее шестчленото семејство Трајковски од Свети Николе. Секојдневието го поминуваат во дваесетина квадрати. Толку успеале да оспособат. За останатите соби, ќе чекаат подобри времиња. Трајковски се родители на четири сина. Големите имаат 10 и 4 години, а близнаците се стари само 15 дена. Поради пандемијата нашата екипа не ни влезе внатре. На овој родител, како што вели најтешко му е кога децата ќе побараат храна.

Пред неколку години со кредит за самовработување Трајковски отворил фирма за заварување. Но работата не тргнала како што мислел, по што бил приморан да ја затвори фирмата. Моли за помош. Бара од хуманите граѓани да му помогнат за да ги прехрани децата. Најнеопходно им е храна, млеко и пелени.

Од Центарот за социјални работи во Свети Николе објаснуваат дека во тек е процедура за семејството да добие додаток за трето дете и други додатоци. Бидејќи државата претходно беше во предизборен период, законот не дозволуваше да се исплати еднократна помош, објаснуваат од Центарот за социјални работи во Свети Николе. Трајковски останаа со мислата дека нивната приказна и во овие тешки времиња , ќе допре до граѓаните кои помагајки им, уште еднаш на дело ќе ја покажат најдобрата човечка особина, а тоа е хуманоста.

Александара Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста