Шест месеци по трагедијата нема конечни одговори за пожарот во модуларната болница во Тетово

Иако помина половина година од големата трагедија во Тетово кога при пожар во модуларната болница животот го загубија 14 лица кои беа таму да лекуваат како болни од ковид, надлежните институции се уште работат на прибирање на докази. Таков е одговорот на прес-службата од Јавното Обвинителство, додека од Основно Јавно Обвинителство Тетово не се расположени да образложат нешто повеќе пред камера, иако дури петмина обвинители работат на овој предмет.

Се чини дека јавноста се уште ќе чека за конечната обвинителска одлука и дали некој кривично ќе одговора пред суд за пожарот во кој животот го загубија болни луѓе. Како што и самото Обвинителство потврди, во овие шест месеци имаше дури четири вештачење на МВР, Технолошкиот факултет, од стручно лице – електроинжинер како и германски истражители.

Во октомври 2021 по вештачењето на МВР беше посочено дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред.

-По меѓународна правна помош беше побарано вештачење од германските експерти, а пристигнатиот извештај, во поглед на директните причини за настанување на пожарот, не се разликува многу од она што го утврдија стручните лица од Оддел за криминалистичко технички испитувања и вештачења. Сепак, сите извештаи се анализираат во корелација со останатите прибавени докази, како и со вербалните искази на сослушаните сведоци и други лица кои имаат сознанија за настанот. Анализата на сите прибрани докази е во тек. Јавните обвинители, по целосно утврдување на фактите во предметот, ќе донесат одлука за која јавноста веднаш ќе биде известена, се вели во нивното соопштение.

По пожарот оставки доставија двајцата директори на тетовската болница,но продолжија со работа се до промена раководството по преструктуирањето во Владата.

Изгорениот монтажен објект поточно остатоците од модуларната ковид болница и понатаму се среде тетовскиот клинички центар и не се отстрануваат. Така се уште ги потсетуваат граѓаните на немилиот настан од 8 септември 2021 година кога 14 луѓе ги загубија животите.

Со граѓански марш жителите на Тетово во септември лани побараа одговорност поради настраданите.

Александар Самарџиев

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста