„ШАНГРИ ЛA“
Шангри Ла е назив за митска земја. Според некои будустички списи рајско катче на земјата.
Некаде во триесетите години на минатиот век во Европа се појавува и роман со опис на таа
хармонија на луѓето со природата скриено во егзотични предели на Азија. Во последно време
називот Шангри Ла како да најавува дека не остана ниту едно парче на светот кое не е засегнато
со актуелните промени.
Секоја година, од 2002 наваму во хотелот Шангри Ла во Сингапур се одржува безбедносен форум
од светско значење. Поконкретно се дава предност на безбедноста на регионот Азија –
Тихиоокеанија (делумно Индискиот океан) во однос на стратешки актуелниот регион на
Атлантски океан. Овој форум како пандан на Минхенската безбедносна конференција го
организира меѓународен тинк тенк кој се занимава со стратегиски студии (IISS основан во Лондон)
и на иста маса веќе две децении собира официјални воено дипломатски делегации од САД, ЕУ,
Кина, Филипините, Индија, Украина, десетици постојани или привремени земји учеснички.
Стотина делегации парадираат во униформи низ холовите и лобито на хотелот во Сингапур, со
цел да разменат мислења за одржување на безбедноста и одбраната во регионот, додека
илјадници припадници на безбедносни сили го обезбедуват настанот. Голем е бројот на
новинари и уредници заинтересирани за воената дипломатија и главната тема – мирот на
истокот.
Но, оваа година форумот веќе започнува да добива поширок интерес во светската јавност. Имено,
покрај тоа што на иста маса седат страни кои имат спорадични недоразбирања во последно
време (поради проактивност на Кина) форумот ја комплетира основната идеја. Ќе се разговара
за проблемите на тие простори отворено и со јасно оцртување на позициите и тоа, се чини – до
километар.
На пример, на форумот проговори Претседателот на Филипините во врска со неодамнешните
поморски инциденти, каде посочи дека гинат невини жртви. На тоа Кинеската делегација му
одговори дека некој ги уценува нивните интереси во поморската трговија и стратешки поморски
точки. Тоа покажува дека никој повеќе нема да може да ги предвиди следните потези на големите
сили кон регионите.
Уште една изјава ја потенцира важноста на овој форум. Светот нема сила да издржи уште еден
геополитички шок после Украина и Палестина, изјави еден од претставниците на Јапонија.
Односно, овој форум станува особено важен за настаните во идните неколку години. Особено во
очекување на изборните резултати во САД и евентулната победа на Трамп со неговата можна
политика за скротување на Кинескиот змеј.
На овој форум Претседателот на Украина Володимир Зеленски присуствуваше лично. Се
претпоставува дека мотивот е информацијата дека Кина неодамна презема иницијатива за
мировни преговори и ставање на крај на судирите со Русија. Ова уште еднаш е потврда за проактивноста на Кина и нејзиниот обид да биде лидер и по ова прашање, иако според
информациите не дошло до средба од ваков тип.
На овој форум покрај средба во Дуч павилијонот помеѓу високите делегации на САД претставена
од Министерот за Одбрана Лојд Остин и адмиралот на Кинеската ослободителна армија Донг
јавноста беше сведок и на размена на отворени меѓусебни реплики. Претставникот на Кинеската
делегација која оваа година е бројна и има високи чинови ја обвини САД дека со проширувањето
на НАТО предизвикале проблеми во регионот. На тоа Претставникот на САД им одговори дека
нападот на Украина е всушност одговорност на Владимир Путин.
На прашање поврзано со спорот со Тајван припадник на Кинеската делегација ги нарече
,,сепаратисти’’ припадниците на Тајванската делегација. За да не биде ексклузивен клуб Шангри Ла Форумот овозможи присуство на претставници на разни невладини организации и стратегиски тинк тенкови. Taa можност за ,,втора трака’’ невладина или граѓанска дипломатија има значење и за нашата земја. Се разбира не очекуваме дека ќе добиеме главна улога во расправите за безбедноста на далечниот исток но, нашата заинтересираност е пожелна.
Имено, откако овие конфликти ќе стивнат, се претпоставува решавање на некои проблеми на
Балканот кои засега тлеат. Да не се занемарат анализи со очекувања за наводно учество на
земји од далечниот исток, Кина и Русија колку тоа и да ни звучи далечно и, помалку веројатно.
До овој момент во делот на јавно достапни информации на официјалните страници на нашите
институции не може да се најде информација дека активно следиме, но се надеваме како
јавност дека институциите ги имат во предвид сите случувања. Исто така не може да се сретнат
исцрпни медиумски содржини. Можноста што ја дава националната телевизија Алфа за
пошироко информирања на граѓаните за геополитичките, стратешки и цивилизациски текови и
состојби е важна.
Потребно да се следат разните меѓународни случувања преку официјално присуство каде што тоа
е возможно; потребно е вклучување и на граѓанскиот сектор преку стручни лица, бизнисмени,
поранешни политичари односно таканаречената граѓанска дипломатија за која очигледно не
случајно се отварат вратите за ваквите настани и форуми. Државата во иднина паметно треба да
ангажира поранешни дипломати и политичари, научници и аналитичари и да ги промовира до
таков степен да бидат присутни на ваков вид меѓународни случувања.
Петар Трајков