Шаќири: Ќе продолжат преговорите со СОНК, но образовниот процес мора да продолжи

Прекин на штрајкот и прифаќање на понудата од 10% линеарно зголемување на платите, уште еднаш повика министерот за образование Јетон Шаќири. Нови преговори со СОНК ќе има, но нема да биде понудена повисока сума за просветарите, зашто според министерот, требало да се има предвид кризната состојба во државата, но и интересот децата да се вратат во училиштата и градинките.

  • Во ниту една ситуација не сум обвинувал никого како министер, но што се однесува до образовниот процес сакам што побрзо да продолжи – уште утре. За оваа значајна тема преговорите можеме да ги продолжиме секојдневно, но не сакам последици да има образовниот процес. На пресот на СОНК се кажа дека членовите и дел од координаторите на СОНК во нивната комуникација кажале дека 95 отсто не прифаќаат 10 проценти покачување, а 5 проценти прифаќаат. Ако се вратиме наназад во годините, овие 10 отсто се највисок процент за покачување на платите во основното и средното образование. Но пак кажувам, не застануваме тука, имаме простор за дискусија, но секогаш да се има предвид дека овој процент во овој момент е во една многу друга ситуација зашто во претходните години немало ваква економска криза, изјави Шаќири.

Министерот апелира да нема дезинформации, нагласувајќи дека според него, имало дезеинформирање на јавноста.

  • Иако е економска криза, не е кажано дека нема да има повисоки плати во образованието. Кажано е дека ќе има повисоки плати. И дека ќе биде направен максимумот со оглед на состојбата во која се наоѓаме, додаде Шаќири.

Во меѓу време се посилни се и притисоците. Во средното училиште „Владо Тасевски“, познато како ПТТ, на наставниците дури им се заканувале дека ќе ги избркаат од работа ако дадат изјава за тоа како тече штрајкот. Од СОНК не се изненадени. Велат дека ваквиот начин на власта да стави рака врз просветарите ги преминувал сите граници.

  • Наставниците кои што предаваат овде, во средното училиште „Владо Тасевски“ не сакаат да дадат изјава, се плашат поради некои реперкусии ако дојде до тоа. Очигледно е поради притисоци, и има неубава позадина во оваа ситуација. Сите директори и инспекторати кои ги бараат имињата и презимињата на штрајкувачите немаат право на тоа, вели за Алфа Лена Спасеновска, заменик претседателот на СОНК.

И во гимназаијата „Раде Јовчевски Корчагин“ има целосен прекин на наставата. И таму не сакаше никој ништо да каже. Учениците наместо на настава, во школскиот ходник продаваа маици, зашто според нив, досадата си го направила своето.

Во средното медицинско училиште пак, настава има во неколку паралелки. На овој чекор, велат наставниците се одлучиле зашто, од Владата им се заканиле дека ќе им се плаќале само на придонесите додека штрајкуваат, но и се барал заменски кадар.

СОНК останува на барањето за зголемување на платите за 18,4%, согласно порастот на минималецот. По двете неуспешни средби минатата недела, на повидок е нова, но барем за сега нема најава кога ќе се случи истата.

Борис Грујоски