„Северна“ не ги донесе џиновските компании, ветени од Заев- сега се ветува ќе стигнеле после пописот

Промената на името не ги донесе џиновските компании, ветени од премиерот, па сега странските инвестиции се ветуваат со спроведување на пописот. Пред две години беше ветено дека во Македонија ќе дојдат големи странски фирми, доколку се промени името, што и се случи, влеговме и во НАТО, но очигледно џиновските компании ги нема. Сега проблемот не било името, туку спроведувањето на пописот, барем според премиерот.

-Ниту еден инвеститор нема да покаже интерес да инвестира кога ќе види дека земјата ги нема основните статистички податоци за нејзините ресурси за официјалната работна сила, за  пазарот, за потрошувачките навики, изјави Заев пред два дена.

Пописот ќе се спроведе во април годинава, во ек на корона пандемија, што за дел од граѓаните претставува проблем. Пред камерата на Алфа, велат спремни се и казна да платат, но поради можна зараза со ковид 19, страв им е да ги пуштат дома попишувачите.

-(Дали би примиле луѓе во време на пандемија?) Неееее! (Дали сте спремни казна да платите?) Чудно… дома ќе примам кого сакам, вели еден граѓанин.  

-Сметам дека во време на пандемија луѓето се исплашени. (Дали вие ќе примите луѓе во време на пандемија за попис?) Ќе размислиме малку. (Дали сте спремни да платите казна?) Па ако се решат за казна, ако се одлучиме за тоа, ќе плаќаме што треба, вели еден граѓанин.    

-(Дали според вас треба да има попис во време на пандемија?) Мислам дека не треба. (Дали вие ќе примите дома луѓе со оглед на ризикот дека може да има зараза?) Епа сега јас ќе морам да ги примам, законот е таков не можеш да не ги примиш, вели еден граѓанин. 

Дел пак сметаат дека 20 години без попис се премногу, па мора што поскоро истиот да се спроведе, со почитување на сите протоколи за заштита од корона вирусот.

-Попис немаме од памтивек, така да попис мора да има и тоа што поскоро. Ако може кафани да бидат отворени за време на пандемија, зошто да не биде пописот, вели еден граѓанин.   

-Не треба да дозволиме 20 години како модерна држава да сме без попис. Имавме избори па протоколи. (Луѓе дома ќе влегуваат) Ако ги почитуваат протоколите ќе влегуваат, вели еден граѓанин. 

Кај власта во Македонија немаше расположение да го одложи пописот подоцна во 2021 година, иако поради пандемијата на такво нешто се решија неколку држави низ светот, меѓу кои и една Германија, но и Шкотска, Ирска, Романија, а во регионов тоа го сторија Србија и Хрватска.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста