Стерјовски ја убеди албанската влада: Одвојуваат 4 милиони евра за водоводна мрежа во Општина Пустец

Васил Стерјовски, пратеникот од Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) во албанскиот Парламент успеа да излобира албанската Влада да издвои средства за изградба на водоводна мрежа во Општината Пустец

https://www.facebook.com/vasil.sterjovski/videos/10220876278070261/?t=0

Во ноември Стерјовски на пленарна седница на Парламентот изјави дека Општината Пустец е единствена општина за која албанската Влада со буџетот за 2021 не планира никаква инвестиција.

Стерјовски денеска од собраниската говорница на пленарната седница на законодавниот дом се заблагодари за издвоените средства од страна на Владата.

„Во име на македонската заедница и општина Пустец, и од мое лично име, изразувам благодарност до Владата и премиерот Еди Рама за фондот од четири милиони евра за финансирање на долгоочекуваниот инфраструктурен проект за водоснабдување на сите населени места во општина Пустец“, рече Стерјовски.

Тој посебна благодарност упати и до кординаторот на парламентарната група на Социјалистичката партија, Таулант Бала, кој посредувал за овој фонд со одговорните во Владата.

„Со овој проект, во 2021 година, околу 5.200 жители на општина Пустец ќе имаат 24 часа вода за пиење. Три децении Македонците во областа Преспа се соочуваа со недостиг во снабдувањето со вода за пиење. Некои ја напуштија областа, изгубија надеж дека властите можат да го решат овој витален проблем за живот и работа. Верувам дека Владата ќе инвестира во изградба на водоводи во село Врбник и областите Голо Брдо и Гора“, посочи Стерјовски.

Локалната власт на Пустец има подготвено проект кој се очекува да почне со реализација следната година, со што жителите на оваа македонска општина еднаш засекогаш ќе го надминат тридеценискиот проблем, рече Стерјовски.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста