Семејството Манасиеви од Штип доби топол дом благодарение на хуманите сограѓани

Ни во најубавиот сон, не помислував дека моите деца ќе имат топол дом„- вака ја започнува својата трогателна приказна 28 годишната Елена Манасиева  од Штип, мајка на три малолетни деца од кои едното е двомесечено бебе. Тие вечерва  се вселуват во куќата реновирана со донации од хумани граѓани и компании. Ова семејство преживува со скромни 7000 денари што ги добиват од државата, па никогаш не ни можеле да ја реновираат куќарата што повеќе наликувала на шупа, отколку на дом..

 „Условите беа катастрофа. И при најмали врнежи од дожд или снег течеше од сите страна. Немавме купатило. Во вц децата одеа надвор. Ги бањав надвор. Катастрофа! Прозорците фураа. Буквално живеевме во шупа„- вели Елена Манасиева од Штип.

За трагедијата да биде уште поголема, минатата година поради лошите услови во кои живееле  од премразнување и глад  на младото семејство им починало едногодишно детенце. Токму оваа несреќа е причина за штипскиот хуманитарец Александар Горгијев да се заложи и на семејството му помогне да создаде услови за нормален живот. Откако наишол на објава на социјалните мрежи решил да ги посети. Се згрозил од она што го видел. Набрзо потоа следувале донации.  Мајстори работеле без никаква надокнада и за  неполн месец успеале да ја средат руинираната куќарка . Тој им се заблагодари на сите кои понудија безрезервна поддрша, но ги искритикува големите компании.

 „Еве јавно ви велам,средните фирми, средната класа заслужуваат голем респект. Големите фирми и посебно оние побогатите за мене не заслужуваат респект. НИвните деца на излегување трошат по 300-400евра , а ниту еден не се сети да се јави и да се вклучи во хуманитарна акција и да им се помогне на три малолетни деца кои се борат за живот„- изјави штипскиот хуманитарец Александар Георгијев.

Семејството доби комплетно реновиран дом. Нов кров, фасада, купатило,прозорци, врати, бела техника и мебел. Горгијев на кој хуманоста му стана хоби не застанува овде. Во наредниот период ќе се зафати со нови проекти. Имено тој е и единствениот штипјанец  кој самоиницијативно замина во Петриња, Хрватска каде што доброволно помагаше  на настраданите во земјотресот.

Александра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста