Семакедонски протест: Повик за масовност испратија сите, само за СДСМ бил одбрана на криминалот

Демократија во Македонија, слобода за уставобранителите. Под овој слоган утре во 11 часот, почнувајќи од Владата завршувајќи со марш до Собранието, ќе се одржи сенароден македонски протест, во знак на поддршка за осудените за настаните од 27 април во Собранието.

На овој граѓански повик позитивно одговори целата опозиција од македонскиот политички блок. Официјална поддршка дојде од ВМРО-ДПМНЕ, а повик за овој протест упати директно и лидерот на партијата, Христијан Мицкоски.

-Правдата не смее да биде слепа. И еден ден во затвор на неправедно осуден е тежок како година. Македонија не смее да ги заборави своите синови. Слобода за уставобранителите и поддршка на општонародниот протест!, пишува Мицкоски на Фејсбук.

Покрај политичките субјекти во Македонија, на учество на овој протест се повикува и од дијаспората. Преку видео порака на масовност повика и еден од најголемите македонски активисти во САД, Ана Дукоска.

-За нашите браќа, за уставобранителите и за нашата мајка Македонија, обединети како никогаш досега, ве очекуваме на 25 април заедно да чекориме под македонските знамиња. Слобода за уставобранителите, слобода за Македонија, порачува Дукоска.

Овој протест на кој повикаа сите политички субјекти кои не се дел од власта, според СДСМ бил обид на ВМРО-ДПМНЕ да го брани криминалот.

-И покрај шесте порази на избори, Мицкоски не ја научи лекцијата, не сфати дека народот не сака политичари кои се на браникот на криминалот, дека народот не дава доверба на политичари кои работат на штета на граѓаните и државата. Токму затоа Мицкоски шест пати е поразуван на избори и токму затоа уште долго ќе биде во опозиција, велат од СДСМ.

Инаку, овој протест е во знак на поддршка за осудените за собраниските настани од 27 април 2016-та година. За влезот во Собранието, судечкиот совет предводен од судијката Добрила Кацарска пресуди вкупно 211 години затвор за обвинетите во овој случај. Апелација подоцна ги намали казните, но за само една и две години. Единствен ослободен од вината беше Игор Дурловски, со чија изведба на македонската химна утре ќе започне овој сенароден протест.

Матеја Петровски

Advertisements