„Село гори – баба се чешла“ – во време на пандемија Владата троши милионски суми за „Дино-парк“ и „Смарт езеро“

Проекти за кои се троши вртоглава сума на пари – додека граѓаните се борат со корона кризата, намалени плати, повисоки цени за струја и зголемени тековни трошоци. Езерото Младост ќе станува Смарт езеро, а проектот чини речиси милион евра. Како што најави вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска, со вакви проекти ќе се создаваат атрактивни локации за домашни и странски посетители. Оттука се поставува прашањето, зошто во услови на пандемија, кога не се знае како понатаму ќе функционираат македонските граѓани со лоши услови за живот, кога во руралните средини постојат училишта без вода и полски ве-це-а, дури немаат никакви услови за настава, и луѓето се мачат да врзат крај со крај, се трошат пари на проекти кои во моментов очигледно не се неопходни.

Со воведувањето на овие паметни елементи во опркужувањето на езерото како што е менаџирање со паркингот, детско игралиште, велосипеди коишто исто така се управуваат преку одредени паметни модели, сметам дека се олеснува на општините менаџирањето со ваков тип на туристички локации коишто се многу значајни – изјави Мила Царовска.

Можеби Велес ќе има смарт езеро, но затоа во центарот на Скопје ќе се шетаат 41 диносаурус. Се разбира, се работи за таканаречениот Дино – парк во скопската Зоолошка градина. Изградбата е започната пред една година, а досега чини околу 325 000 евра.

Градоначалникот Петре Шилегов сакаше да се пофали на социјалните мрежи, но наиде на многу шеги за макетите на праисториските животни. На интернет се појави најнова верзија на споменикот „Воинот на коњ“, насловена „Воинот на диносаурус“. Во Пробиштип пак, еден граѓанин пробал да се пошегува така што јавал маскота на диносаурус, по што, како што пишуваат локалните медиуми, бил приведен од полицијата.

Потегот на Шилегов стана цел на острите критики од граѓаните низ социјалните медиуми – токму поради фактот дека оваа власт ја критикуваше претходната дека во Скопје се трошат пари за споменици и музеи, а тие што критикуваа, сега трошеле за диносауруси.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста