Села не попушта, но тврди дека власта може да ги протурка економските мерки

Зијадин Села и најавува војна на власта. Додека не им ги задоволат барањата за Законот за државјанство  ќе го блокираат секој закон кој ќе биде пуштен во собраниска процедура.  Во изјава за Радио Слободна Европа, првиот човек на Алијанса за Албанците категоричен оти побитно било граѓаните „фантоми“ да добијат државјанство, пред да биде исплатена финансиската помош на сите граѓани погодени од пандемијата.

-Овие луѓе за кои јас зборувам, овие граѓани 30 години не земаат никаква плата, тие немаат право ни да конкурираат за работа, немаат право на здравствено осигурување, немаат право на постела за да умрат достоинствено во болниците. И овие се граѓани. И тие живеат во уште потешки услови од овие други категории граѓани, вели Села.

Бранејќи ги своите апетити Села се правда дека сите обвинувања на нивна адреса биле неосновани. Топката ја префрли во Комисијата за финансирање и буџет оти не закажувала седница, каде расправата трае три дена.

-Во Комисијата за финансирање и буџет исто како и во Комисијата за европски прашања, можеш да имаш и 100 илјади амандмани, дебатата во оваа комисија трае три дена. Кажете ми колку денови и недели се дебатира оваа работа дека ние сме го блокирале петтиот сет на економски мерки кој треба да им помогне на граѓаните. Цел месец се кажува оваа лага и невистина пред граѓаните. Ние ќе блокираме сè што можеме да блокираме сè додека нашиот закон е блокиран со амандмани во матичната комисија каде што чека, вели првиот човек на Алијанса.

Во интервјуто Села наведува дека причината за граѓаните кои се уште не добиле државјанство ја гледа во нивната националност – оти биле Албанци.

За утре пак е планирана средбата со премиерот Заев на која и двете страни најавуваат решение за ситуацијата, но и ниту еден не отстапува од своите позиции.

Опозицијата пак ќе го чека исходот од средбата Заев – Села па потоа ќе одлучат дали ќе ги повлечат нивните амандмани. Според првиот човек на партијата Мицкоски предложените амандмани на Алијанса за државјанството се целосно неприфатливи.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста