Секторите кои се на раб на опстанок бараат сериозна државна помош, стравуваат дека цели фамилии ќе останат без парче леб

Ако Владата остане глува на нашите барања, ќе ги спакуваме куферите и ќе си заминеме од Македонија. Секторите кои се на раб на опстанок во очај бараат сериозна помош за спас на бизнисите. Угостителите, туристичките работници, сметководителите, танцовите клубови протестите од пред финансии ги преселија пред Влада, каде во знак на револт поставија празни маси и столици. Велат дека се игнорирани и бараат итна средба со владините економски министри.

Ана Марија Алексова од Туристичко-угостителската комора порача дека туристичките агенции се семејни бизниси и дека без поддршка, цели семејства би останале без парче леб.

  • Дали дозволувате цели фамилии да останат без парче леб? Во овој бизнис имаат инвестирано млади луѓе. Дали сакаме ние, младите  да се покаеме што сме се одлучиле за ова и да бидеме со спремни куфери кога ќе се отворат границите за да ја напуштиме државата ? Петти ден апелираме за неопходноста од помош, се’ уште немаме одговор. Дали го заслужуваме тоа? Имаме потреба од континуирана финансиска помош, имаме потреба да ги решиме проблемите со ваучерите, не сакаме да пропаднат тие средства на граѓаните. На раб се туристичките агенции. Доколку не ни дадете значење  и да ни дадете до знаење дека вредиме и тоа што досега сме го направиле не е за џабе. Сите овие наши барања се за да опстоиме, истакна Алексова.
  • Четиринаесет месеци туристичко-угостителскиот сектор се бори со предизвиците кои ги создава кризата предизвикана од пандемијата, како и од недоволната поддршка. Затоа претпријатијата тешко се справуваат и сѐ повеќе се губат работни места. Најголемиот дел од овие претпријатија користејќи ја својата сособност и ангажирајќи ги сите расположиви ресурси досега наоѓаа начин да преживеат, но веќе сите алтернативи се исцрпени. Без континуирана поддршка нема спас за овој сектор, изјави попладнево Мартин Ангеловски од Туристичко-угостителската комора.

Според него, средствата предвидени со шестиот пакет антикризни мерки би можеле да помогнат да се ублажат штетите доколку се се имплементираат на соодветен начин.

  • Веруваме дека средствата кои се предвидени од шестиот пакет може да да помогнат да се ублажат штетите со кои се соочува туристичко-угостителскиот сектор, ако се имплементираат на соодветен начин. Постапките за нивна имплементација сѐ уште не се познати и бараме да се земат предвид нашите барања кои веќе се доставени до Владата, бидејќи тие произлегуваат од реалните потреби на најзасегнатите сектори, додаде Ангеловски.

Туристичките работници освен неповратна помош, бараат и рокот на ваучерите кои лани не беа  искористени  да се продолжи до крајот на 2022 година и да се реализираат исклучиво преку агенциите. Со свирежи и транспаренти на улица излегоа и сметководителите кои бараат да се чује и нивниот глас.

  • Постоиме, ова беше пораката која ние сакавме да им ја пренесеме на државните институци. Преку нас поминува сѐ, ние ги обезбедуваме даноците и придонесите, сите економски мерки поминуваат низ нас. Но наместо државата да ја знае нашата вредност,  ние сме заборавени. Она што институциите го доцнат, ние треба да го надоместиме за два или три дена, здрави или болни. Истото и овој пат се случи. Апликацијата за финансиска поддршка ние треба да ја сработиме заклучно со петок кој е неработен празничен ден, со недостапни обрасци за аплицирање. Сѐ што имаме се наметнати обврски кои се зголемуваат, нагласи Александра Андреева, од Комората на сметководители.

И додека најпогодените сектори бараат спас од кризата како грантови и неповратна помош, од Владата и натаму молк по низата протести. Стопанствениците тврдат дека не биле сериозно сватени, и овие дејности трпат огромни загуби. Велат дека се на работ на егзистенција и ако државата не им помогне, ќе ги затворат фирмите и ќе ги отпуштат работниците. На улица ќе останат додека Владата во целост не ги прифати нивните барања.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста