Се затвори Центарот за лица со церебрална парализа во Центар

Лицата со церебрална парализа наместо во посебен центар времето ќе го поминуваат со основците од училиштето Киро Глигоров во Капиштец.

На центарот кој постои од 2005 та година општина Центар му стави клуч на врата, а штитениците кои имаат повеќе од 19 години просторот и времето ќе го делат со децата од прво до четврто одделение.

Од здружението денеска реагираат, лицата заболени со церебрална парализа имаат други потреби, сакаат да играат и пеат, гласни се и само ќе ја попречуваат наставата.

„Тие нонстоп играат нонстоп пеат, таму е училиште и да сакаме и да нејќеме ние ќе сметаме, и на крајот на краиштата еднаш ќе се изнервира родителот, друг пат ќе се изнервира и ќе ни рече..Вас не ви е местото ние знаеме кај ни е местото. Тогаш ќе настанат проблеми ние не бараме којзнае што, не дека и овој центар ќе ги покрие нивните потреби, но нешто е подобро од ништо“, изјави Марина Билбилоска- Здружение на деца заболени од церебрална парализа

Родителите обвинуваат дека толеранција од институциите за овие лица нема, а нивните потреби не се предвидени ни во новите згради во кои најчесто нема рампи

„Социјалните работници не може да седат во своите удобни фотелји во своите удобни канцеларии тие мора да дојдат кај нас дома да видат визуелно со какви проблеми се соочуваме, сам ќе види дали на ова дете му треба рампа не му треба, има нема рампа, нека помогне државата ние ќе бидеме благодарни како и децата тие една трошка да добијат ќе бидат благодарни, но тие не може да знаат за нашата ситуација од канцеларија“, изјави Горан Стојчески- родител на лице со церебрална парализа.

Инаку, во државава не постои официјална статистика со вкупниот број на лица заболени со церебрална парализа.

Симона Србиноска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста