Се уште се чека за Влада- ДУИ го заглави списокот на министри во фиоката на Заев

Внатрепартиските превирања во ДУИ го заглавија предлогот за состав на новата Влада во фиоката на мандатарот Заев. Ниту најблиските соработници на лидерот на СДСМ, не знаат точно кога во Собранието ќе се гласа за новите владини функционери, иако такво нешто беше најавено за денеска.

Проблемот кој се појави при изборот на Талат Џафери за собраниски спикер, сега е проблем и за гласање на Владата. Според неофицијални информации, скопското крило на ДУИ, односно пратениците Изет Меџити и Арбен Зибери, не се согласуваат со одлуката на Али Ахмети, функционери во новата власт да бидат Бујар Османи и Артан Груби, па поради тоа не сакаат да ја поддржат новата Влада, која е невозможно да се изгласа без нив.

Министерот за информатичко општество во заминување и пратеник во новиот парламентарен состав, Дамјан Манчевски, се уште не знае кога во Собранието ќе биде доставен предлог владиниот тим, но верува дека за брзо ќе сме имале функционална Влада. 

-Предлогот за Влада сега добро ќе го прашате мандатарот, конкретно кога, јас верувам, денес, утре, значи овие денови ќе биде поднесен предлогот на Влада и брзо ќе биде изгласана и новата Влада. Така што веќе следната недела ќе имаме функционална извршна власт,изјави Манчевски.

Ниту самиот Заев не дава прецизен одговор кога предлог владиниот тим ќе биде доставен пред пратениците. За разлика од предизборната реторика кога тврдеше дека брзите избори во ек на пандемија се потребни, за да профункционираат институциите, сега вели ќе чекал да се изберат потпретседателите на Собранието и да се верификува мандатот на новите пратеници, па потоа ќе го доставел предлогот за Влада на гласање.

-Штом заврши Собранието со сите овие претходни постапки, веднаш ќе го доставам предлогот за Влада и владината програма до Парламентот, вели Заев.

Мандатарот и лидер на СДСМ има рок до 2 септември да ја состави новата Влада на Македонија.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста