Се уште не е дефинирано за кого недела ќе биде работен, а за кого неработен ден

Најмалку 50 проценти повисока дневница, па дури и можноста таа да оди до 100 или 200-те проценти за работниците кои ќе мора да работат во недела откако и официјално ќе стапи на сила новиот закон. Законот кој предвидува недела да биде неработен ден е во финална фаза, а од ССМ велат дека ќе настојуваат истиот да се донесе до крајот на 2021 година. Согласно колетивните договори на поединечните компании, постои можност дневницата да биде поголема за 100, па дури  иза 200 отс од вообичаената.

Во Законот за работни односи сите оние есенцијални дејности кои се утврдени дека можат да работат во недела викаме да добијат минимум 50% а со колективен договор тие 50% може да станат 100, 150 и 200%. Значи ја даваме можноста во колективните договори да го воведеме тој повисок износ – вели Дарко Димовски, претседател на ССМ.

Се уште не е дефинирано за кого недела сепак ќе биде работен ден. Според ССМ, во Македонија има околу 40 дејности кои за економијата е неопходно да работат постојано. Но на работните средби се разговарало и за работата на трговските центри кои веројатно ќе работат во една смена, и согласно законот за работни односи, вработените да земаат поголема дневница.

Зошто 100% за вработените кои што работат во моловите? Тоа не е техничко технолошки процес кој не може да се прекине, но ќе се согласите дека ги штитиме работничките права, меѓутоа кога се соочивме со бројките на состаноците на економско социјален совет, со претставници на работодавачите и работниците, соочени сме со бројките дека најголем процент од нивниот промет се остварува во недела – вели министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Од Законското решение за „недела неработен ден“ дефинитивно ќе бидат изземени работодавачите кои ќе покажат дека технолошко-производствените процеси не смеат да се преникат.  Министерката Шахпаска вели дека Предлог законот за работни односи, од кој дел е и решението „недела неработен ден“ е се уште во работна верзија и се консултира со сите засегнати страни.

На денешната средба помеѓу Шахпаска и Сојузот на синдикати на Македонија се разговарало и за работничките права, барањето Ковид 19 да биде професионално заболување и отсуствата 100 процентно да се исплаќаат. Да се воведе колективен договор за здравствените работници и да користат годишен одмор во траење до 36 работни дена  и да се изнајде решение за драстичното зголемување на работниците кои земаат минимална плата, чиј број од 30 000, во време на пандемија скокна на повеќе од 100 000.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста