Се урна настрешницата на железничката станица во Нови Сад, најмалку 8 загинати
Осум лица загинаа, а двајца се повредени при уривање на настрешницата на железничката станица, во Нови Сад, соопшти министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ.
Под урнатините се уште две лица. Според Дачиќ, спасувачите имаат контакт со нив и се обидуваат да ги извлечат. Во моментов на терен се близу 80 спасувачи од неколку градови, а во урнатините биле пронајдени жена и девојка на околу 14 години.
Несреќата се случи претпладнево, околу 12:00 часот, кога падна бетонска натстрешница на објектот на станицата. Натстрешницата не била предмет на реконструкција во рамки на работите на обнова на железничката зграда, како дел од проектот за изградба на брза пруга Нови Сад – Суботица.
„Изразувам големо жалење што оваа трагедија се случи во Нови Сад. Градските служби се ставени на располагање на надлежните државни служби во полн капацитет. Согласно сите процедури, откако истражните органи ќе ја завршат истрагата, ќе ја информираме јавноста за понатамошните чекори“, рече градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.
Железничкиот сообраќај во станицата е во прекин, а возовите сообраќаат од правец на Белград до станицата Петроварадин.