Се укинуваат речиси сите рестриктивни мерки, има ли судир меѓу Владата и Комисијата за заразни болести?

Политичка или здравствена, одлуката на Владата за целосно олеснување на мерките без ограничувања ја збуни јавноста. Од петок, се отвораат сите гранични премини за патниците од земјава и од странство, без тестови и без карантин. За Владата одлуката била согласно препораките на Комисијата за заразни болести, а не политичка.

„Отворањето на границите ние го најавуваме веќе подолго време зависно од анализите кои ги прави Комисијата за заразни болести, а тие пред се се темалат на тоа каква епидемиолошка слика имаме и кај нас и во регионот. И затоа е таква проценката дека ова е моментот кога треба да ги отвориме границите за да имаме слободен проток и на луѓе и на стоки“, вели техничкиот премиер Оливер Спасовски.

Одлуката за олеснување на мерките ги скара надлежните. Порталот „Сакам да кажам“ од членови во Комисијата дознава оти и тие биле затечени од одлуката на Владата, бидејќи како што велат, не дале препорака границите да се отворат без ПЦР тестови и 14-дневна изолација. Но, експресно реагираа од Министерството за здравство. Оттаму велат оти темата за отворање на границите била разгледувана на завчерашниот состанок во Комисијата. Но, никаде не напоменуваат кој датум го предложила Комисијата, ниту дали дала зелено светло земјава да се отвори за патници без приложување на тестови за корона.

Експертите пак велат дека олеснувањето на мерките во услови кога земјава руши рекорди во регионот по бројот на заразени може да има само економска оправданост. Според микробиологот Никола Пановски, отворените граници се ризик во земјава да влезат туристи од Србија каде вирусот допрва ќе земе замав. Тој смета дека власта потфрли во справување со кризата уште пред еден месец, кога за тоа имаше услови.

„Политика можеби имаше уште пред еден месец на 26 мај кога нагло се олабавија мерките што не требаше. Според мене трегбаше уште две три недели постепено да се пуштат. Сега ситуацијата е таква, особено во Скопје и Тетово да е болеста проширена и се е оставено на дисциплината и на свестана народот“, вели доктор Пановски.

Новите владини одлуки предвидуваат од петок со работа да почнат фитнес центрите, а под посебни протоколи и угостителите ќе може да примаат гости и во затворените делови, а не само на терасите. Се враќа во функција и меѓуградскиот организиран превоз. Шопинг моловите ќе бидат отворени и во недела.

Двата аеродрома ќе се отворат во среда на 1 јули.

Инаку, земјите во регионот кои веќе ги отворија границите веќе размислуваат за враќање на рестриктивните мерки. Словенија размислува повторно да ги отвори карантинските центри. Србија пак повторно воведе задолжително носење на заштитни маски и забрана за групирање, а Бугарија ја продолжи вонредната состојба во земјата до 15 јули.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста