Се троши повеќе струја отколку што се произведува, нема гаранции за цената на струјата по Нова Година

Недостигот на струја, со којшто сериозно се соочува Македонија, го вклучи алармот и стравувањата од можни рестрикции. Иако состојбата е драматична и се троши повеќе отколку што се произведува, министерот за економија смирува дека до такво нешно нема да дојде. Крешник Бектеши, рече дека нема да имало големи ценовни шокови со цента на струјата, ама ниту по први јануари, не може да се гарантира ништо. Рече дека барем за сега, немало потреба за прогласување на енергетска криза.

  • Големи ценовни шокови нема да има и за тоа сум убеден согласно законот и работата на РКЕ. Секои шест месеци ние ја утврдуваме цента на струјата преку ЕСМ, која таа ја продава до ЕВН. Има времe до први јануари и ќе интервенираме секаде каде ќе има потреба. Не верувам дека ќе се доведеме во ситуација за да ја зголемиме цената на струјата од први јануари, кажа Бектеши.

Пуштањето во употреба на втоприот блок на „РЕК Битола“ ќе го ублажи ударот, а тендерот за набавка на јаглен треба да обезбеди количини за третиот блок. Веќе било испратено и писмо до стопанските комори за набавка на мазут во случај да треба да се вклучи „ТЕЦ Неготино“.

  • Јас се надевам дека ќе биде успешен и тендерот за набавка на јаглен за потребите на третиот блок на РЕК „Битола“, и според проценките, би почнал со работа за три до четири недели. Доколку тендерот за третиот блок на РЕК „Битола“ не биде успешен, тогаш најавувам уште еден состанок на Комисијата и додаде дека и АД „ЕСМ“ има право да купи струја од странство, додава Бектеши.

За разлика од министерот за економија кој демонстираше смиреност, првиот човек на А.Д. „ЕСМ“, Васко Ковачевски по состанокот во министерството за економија, не беше расположен за изјава. Во бегање рече дека нема што да каже.

Претходно, директорот на „МЕПСО“, Куштрим Рамадани, рече дека земјава четири пати без најава презела струја од европската мрежа, за што добиле сериозни предупредувања. „Ниту производството, ниту пак увозот на електрична енергија не можат да ја покријат потрошувачката во земјава“, алармираше тој.

Премиерот Зоран Заев, пак, истакна дека државата ја гарантирала цената на струјата и таа немала да се промени до крајот на годината, а потоа ништо не било сигурно.

Македонија во август годинава вкупно потрошила 586.691 мегават часови електрична енергија, 36.924 милиони нормални кубни метри природен гас, 413.040 тони јаглен и 112.231 тон нафтени продукти. Според податоците на Државниот завод за статистика, 88.7 отсто од потрошената електрична енергија е од домашни извори, а 97.12 отсто од вкупната потрошувачка на јаглен се употребени за производство на струја.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста