Се трошат последните залихи од анти ковид вакцините во Македонија

Се трошат последните количини на анти ковид вакцините во Македонија. Со завчерашните залихи од 5000 дози и пратаката на Фајзер од 11.700 дози кои во земјава пристигнаа вчера, нема доволно количини ниту да се задоволат потребите за вакцинација за еден ден, ако се земе предвид темпото на вакцинирање од пред две недели, кога дневно беа аплицирани и по 13.000 вакцини. Министерот Венко Филипче нема одговор кога ќе стигнат нарачаните вакцини од „Спутник В“ и „Синовак“.

„Можно е нешто да се намалат бројките од тие 12 – 13.000 кои што беа претходно. Меѓутоа тоа ќе биде така само оваа недела. веќе од следната јас очекувам, со сите тие вакцини кои што оваа недела ќе пристигнат истите бројки да ги псотигнеме. Така да и сега во овој момент има вакцинација, зборувам за првата доза, а од следната недела тој број ќе се врати со истата динамика како што беше претходно“, вели Филипче.

Надлежните признаваат дека неделава ќе има помал број на вакцинирани граѓани, но оптимизмот е дека следната недела обемот на вакцинација повторно ќе се засили, особено по донацијата од Бугарија и грција кои ќе испратат 70.000 дози од оксфордската вакцина „Астра Зенека“. Но, останува дилемата кој ќе се вакцинира со вакцините кои се наменети за највозрасната група на граѓани, пред се поради фактот дека близу 42 процнети од пријавените граѓани над 60 годишна возраст се веќе имунизирани.

Во меѓувреме, нови проблеми на вакциналните пунктови. Медиумите објавуваат дека пунктот за вакцинација во Чаир од утрово има недостиг на вакцини од кинескиот производител „Синофарм“, па граѓаните на кои им била закажана ревакцина биле вратени дома. Но, од Здравствен дом – Скопје, за Алфа демантираат вакците наводи, дека граѓани биле вратени од термин за вакцинација. Директорот Виктор Исјановски вели дека во оваа Поликлиника секојдневно се врши ревакцина, а бројот на вакцините согласно закажаните термини навремено се дистрибуираат.

За сега во земјава нема насоки за примање на вакцини од различни производители. Оттука неизвесно е што со оние граѓани кои нема да развијат антитела од кинеските вакцини. Ревакцина нема да има ниту за помладите кои примиле прва доза „Астра Зенека“ во Србија, тие и втората доза ќе мора да ја примат кај северниот сосед.

Инаку, на веб страницата вакцинација мк пријавени се близу 434.000 граѓани, а досега имунизирани се 237.000 или нешто над половина од пријавените.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста