Се трошат последните вакцини за прва доза во Македонија

Здравствените власти нема да можат да го задржат вообичаеното темпо на вакцинација. 10 –те илјади дози кои во моментов Македонија ги има на располагање за аплицирање на прва доза би се потрошиле за еден ден, со оглед дека дневно во земјава се боцкаат над 11.000 граѓани. Според ова се очекува следните денови темпото на имунизација да се намали, се до пристигнувањето на новите пратки на вакцини, најавени за следната недела. Станува збор за донација од 70 илјади вакцини од Грција и Бугарија.

“Во јуни се очекуваат вакцини од „Фајзер“ преку нашиот договор за редовна динамика секој понеделник која, веројатно, не од овој туку од наредниот понеделник ќе се зголеми од тие 10.000. Очекуваме и преку КОВАКС-системот и кинеските вакцини.” – вели министерот Венко Филипче.

Иако беше најавено за оваа недела, за дигиталните сертификати односно „зелен пасош“ ќе мора да се почека уште малку- се доцни поради технички доработки.  Македонија дефинитивно нема да ги ревакцинира своите граѓани под 60 години кои ја примија вакцината на Астра Зенка во Србија. Само за оние кои ги исполнуваат условите, односно се над 60 години се отвара сајт ревакцинација.мк каде треба да се пријават за да бидат вакцинирани во Македонија.

“Очекуваме околу 20 јуни да има најголем број за ревакцина со „Астра Зенека“. Според нашите критериуми, може да обезбедиме една количина и кај нас од нашите вакцини на „Астра Зенека“ и согласно тоа да го направиме планот.” кажа министерот.

Филипче не ја исклучува можноста за вакцинација на децата од 12-16 годишна возраст со вакцината на „Фајзер“  која не би била задолжителна. Дали тоа ќе се реализира Комитетот за имунизација ќе анализира во летните месеци.

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста