Се санираат штетите од невремето во Скопје и Тетово

Се санираат штетите од невремето во Скопје и Тетово

Оштетни куќи, паднати дрва, искршени прозорци, поплавени подруми и гаражи. Се санираат штетите кое ги предизвика невремето кое ги погоди Скопје и Тетово. Колкави се, допрва ќе се прават проценки од институциите.

Црешево беше од најпогодените места во вчерашното невреме. Жителите тука велат дека се уништени над стотици куќи и дека многу наликувало на поплавите од пред осум години во Стајковци. Тие сега бараат помош од надлежните“.

Еден од нив чија куќа беше меѓу пооштетените е Драги Стојчевски. Тој раскажува дека паѓал град со големина на орев. Поплавен и оштетен му е домот во кој живее заедно со неговата сопруга и деца.

„Околу седум и нешто, седум и пет и десет, се стори еден облак, внучиња велат, дедо нешто црвено, почна да капе, јас бев во другата бавча преку улица и почна ситни зрнца, како оравчиња, се обеле, листови, ореви, круши, јаболки, значи не само кај мене, целото население, во цело Црешево е попара направено. Па пона вода да тече од плафоните, по ѕидовите да се слева прљава, жолта, црвена боја од ќерамидите и паркетот таму позади во двете соби и кујната, цедевме пешќири, ќебиња, легени, кофи, деца паника, кој плаче, кој вика, струја нема со телефони светиме, продолжен кабел ставив. Дојде син ми го викнав од Инџиково, зетот од Велес и ги исклучивме осигурачите“, рече Драги Стојчевски жител на село Црешево.

Од центарот за управување со кризи информираа дека на терен се излезени пожарникари со пумпи и целосна механизација . Етапно ги чистат сите поплавени објекти и површини. Телефонските линии за пријавување штети се пребукирани со повици.

„Градот кој што беше многу крупен. Според некои непотврдени информации со големина на кокошкино јајце, особено овде во скопскиот регион Црешево и околината, кој што направи големи штети, на земјоделските површини, но воедно и штети на куќите, имаме на повеќе места пријави за скршени ќерамиди на куќите. Пожарникарите од Тетово и од градот Скопје, но и другите комунални јавни претпријатија веднаш се зафатија со расчистување на последиците од невремето, имавме зголемен број на повици на 112, повеќе од 250 пријави на штети во Скопје и повеќе од 400 во Тетово, но се уште пристигнуваат пријави од граѓаните“, рече Стојанче Ангелов директор на ЦУК.

Од општина Тетово велат дека интервенирале на повеќе локации во градот.

„Конкретно, интервениравме на 43 објекти и на некои критични точки каде имаше големи акумулации на вода, со кои градската канализација не можеше да се справи и покрај тоа што овие канализации беа исчистени. Нашата единица интервенираше и во други општини кои гравитираат во низините на Полог. Во општина Јегуновце интервениравме во куќа во која 6 лица (4 постари и двајца млади) останаа заробени поради количеството вода што им влегло во куќата“, информираа од општината преку соопштение.

Поради невремето голем дел од Тетово како и околните населени места останаа без електрична енергија. Според информациите од надлежните институции, полека се средува состојбата кај домаќинствата коишто останаа без струја.

Љубиша Владимиров

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста

COMMENTS

Wordpress (0)
Disqus (0 )